Линкови за пристапност

Обама испраќа дополнителни 30.000 трупи во Авганистан


Пред публика во американската воена академија „Вест поинт" во Њујорк, што беше пренесувано на националната телевизија во ударен термин во вторник навечер, претседателот Барак Обама кажа дека наредил испраќање на 30.000 дополнителни трупи во Авганистан.

Пред кадетите на академијата претседателот рече дека дополнителните војници ќе помогнат да се забрза преносот на одговорноста кај авганистанските сили, што, пак, ќе овозможи американските трупи да почнат да ја напуштаат земјата до јули 2011. Обама кажа дека трупите ќе се фокусираат на бунтовништвото, на обезбедување на клучните популациони центри и на поголема обука на авганистанските безбедносни сили.

Во говорот што траеше околу 35 минути, Обама се осврна на почетокот на војната пред осум години, по нападите на САД на 11 септември, кога за прв пат во историјата НАТО се повика на членот 5 – определбата што вели дека напад на една членка е напад на сите. Повикувајќи се на обединетоста тогаш, и изнесувајќи ги постигнувањата во меѓувреме во војната против терористите, Обама рече дека побарал од американските сојузници исто така да придонесат со дополнителни трупи и ресурси.

САД „немаат интерес" во окупирање на земјата, рече Обама, и американската инволвираност не може да биде бесконечна.

Со дополнителните сили, цифрата на американски војници во Авганистан ќе нарасне на околу 100.000.

Објаснувајќи го процесот на донесувањето на ваквата одлука што не дошла лесно, Обама зборуваше за својата лична ангажираност во животите на распоредените на бојно поле и на нивните семејства.

За време на говорот во вторникот претседателот Обама рече дека САД ќе ги поддржат авганистанските министерства, гувернери и локални лидери, но дека оние официјални лица кои ќе бидат оценети како неефикасни или корумпирани мора да се земат на одговорност.

Обама се осврна и на ситуацијата во Пакистан, велејќи дека успехот во Авганистан е „неодвоиво поврзан" со американското партнерство со Пакистан. Американскиот претседател вети зајакнување на пакистанската демократија, учество во развојот на земјата и нејзината способност да се справи со милитантите. Тој рече дека САД се веќе најголем меѓународен поддржувач за Пакистанците раселени заради борбите и Американците ќе останат најсилен поддржувач на пакистанската безбедност „долго откако" насилството таму ќе заврши.

Свесен за контроверзноста на испраќањето дополнителни трупи во Авганистан, Обама рече дека „ние нема да се согласуваме по секое прашање, ниту пак треба да се согласуваме". Но „лесно е да се заборави кога оваа војна започна дека бевме единствени во определбата да ја браниме нашата татковина и нашите вредности". „Одбивам да прифатам", рече Обама, „дека не можеме повторно да ја постигнеме таа единственост".

Сепак, рокот од 18 месеци за постигнување на сите цели што тој ги изнесе во говорот претставувајќи ја својата стратегија, отвори врата за различни толкувања што претседателот може да го чини политички капитал.

XS
SM
MD
LG