Линкови за пристапност

Во Македонија регистрирани 119 лица со ХИВ-СИДА


Република Македонија се` уште е земја со ниска преваленца на вирусот на ХИВ, зашто од 1987 година, откако за првпат е откриен пациент со вирус на ХИВ/СИДА во Македонија, досега од оваа болест се заболени вкупно 119 лица, од кои 94 се носители на вирусот, а 25 се ХИВ позитивни и се под лекарски третман на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Во Македонија од ХИВ/СИДА досега починале 62 лица, а во светот од 1981-та година, од оваа болест починале 25 милиони луѓе.

Овие податоци и беа презентирани на македонската јавност, по повод 1-ви декември, Светскиот ден за борба против оваа болест. Годинава во Македонија се регистрирани нови шест ХИВ позитивни лица и еден случај на ХИВ/СИДА, имало и еден смртен случај, но меѓу порано заразените лица.

Доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, за медумите изјави дека седумте новозаразени се на возраст од 23 до 49 години и освен еден заразен, кој е од Косово, сите се машки лица од Скопје, а тројца меѓу нив се хомосексуалци.

За разлика од светските статистики, во Македонија, поголем дел од регистрираните со СИДА се од машкиот пол. Според д-р Караџовски, изминатите години во Македонија е намален бројот на смртни случаи од ХИВ/СИДА и тоа се должи на зголемената достапност до антиретровирусна терапија. Ретровирусната терапија за едно ХИВ-позитивно лице, на годишно ниво чини 150.000 американски долари, но на Македонија како сиромашна земја, средствата за оваа намена и` се достапни преку грантот од Глобалниот фонд.

На прес - конференцијата по повод Светскиот ден на борба против сидата, на која присуствуваа и претставници од Министерството за здравство и од Клиниката за инфективни болести, вршителот на должноста, постојан претставник на ОН, Карлос Малдонадо изјави дека и по влезот во третата деценија на борбата против ХИВ, таа борба се` уште трае, а „предизвикот е јасен - мора итно да се стори нешто. Стравот од дискриминација на болните лица предизвикува тие да се повлекуваат во себе, што придонесува за брзо ширење на инфекцијата меѓу населението. Добрата вест е што здравствените органи и граѓанскиот сектор се свесни за постоењето на овој проблем“, рече Малдонадо.

По повод 1-ви декември, Канцеларијата на ОН во Македонија, преку Тематската група на ООН за СИДА (УНАИДС, УНФПА, УНХЦР, СЗО и УНИФЕМ), во соработка со невладината мрежа Y-Pееr, невладината организација Х.Е.Р.А и фестивалот Таксират, организираа бројни активности, чија цел е поддршка на напорите за превенција на пандемското ширење на ХИВ, подобрување на условите за лекување и услугите и елиминирање на стигматизацијата и на дискриминацијата на луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА. Беше организирана и трибина за унапредување на здравствената заштита, подигање на јавната свест и здравствената култура со иницијатива за зголемување на информираноста за ХИВ/СИДА, како и за другите инфекции на крвта и сексуално преносливи инфекции кај населението, на која учествува претставници од здруженијата Х.Е.Р.А, Млади за млади, ХОПС, како и од Одделението за социјална, детска и здравствена заштита.

Здравствените власти во Македонија ја информираа јавноста дека во фаза на изработка е стратегија за мерење на популацијата која е под ризик да се инфицира од ХИВ/СИДА со што во иднина ќе се олесни пристапот за навремено откривање на болеста.

XS
SM
MD
LG