Линкови за пристапност

Прва жртва на вирусот А (Х1Н1) во Македонија


Здравствените власти во Македонија го регистрираа првиот смртен случај од свинскиот грип. Според министерот за здравство Бујар Османи, првата жртва на вирусот од типот А (Х1Н1) на новиот грип е 32-годишен маж кој се јавил на Клиниката за инфективни болести со тешка клиничка слика и бил веднаш примен, подложен на соодветната терапија и вклучен на респиратор.

“За жал, сите обиди да му се помогне завршиле без успех и за помалку од 48 часа пациентот починал“, изјави министерот Османи, кој и` порача на јавноста дека “системот останува максимално посветен и ангажиран да ги елиминира сите последици од оваа неизбежна пандемија“.

Според македонските електронски медиуми и агенции, се работи за лице од Тетово кое пред два дена било хоспитализирано со висока температура и отежнато дишење.

Министерот Османи кажа дека експертите-епидемиолози ја анализираат ситуацијата и дека подетални информации ќе и` бидат соопштени на јавноста по состанокот на Комисијата за пандемски грип во четврток.

На Инфективната клиника е сместена уште една пациентка со хронична срцева слабост која има потешка форма на пневмонија. Само во последните 24 часа, на Клиниката се примени и задржани уште девет лица со симптоми на грипот А (Х1Н1), така што сега таму има вкупно 29 пациенти, чија состојба е главно стабилна и примаат соодветна терапија

Директорот на Инфективна клиника д-р Ѕвонко Миленковиќ изјави дека починатиот имал “брз, тежок и прогресивен развој на инфекцијата на долните дишни патишта, со засегање на срцевиот мускул и еден системски одговор, со засегање на повеќе органи”.

Според д-р Миленковиќ, од моментот на хоспитализацијата до моментот на фаталниот исход, во текот на 46 часа “и покрај примената на сите расположливи средства и сето она што сметаме дека во такви ситуации се користи, за жал исходот заврши на овој начин“.

Епидемилогот, професор Драган Даниловски, кој е член на Комисијата за пандемиски грип, на прашањето дали смртта на млад човек на 32 години значи дека вирусот мутирал, за ТВ А1 изјави дека “не може да стане збор се` уште за мутација, туку едноставно за случајна варијација кај клиничката слика, за жал овој пат и со трагичен исход, но велам, нема место за паника, вирусот се уште не е мутиран, најверојатно тоа нема ни да се случи”.

Професорот Даниловски смета дека како што ќе се зголемува бројот на болните, не може да не се очекува и појава на некој смртен случај.

“За жал, колку и да звучи тоа сурово, тоа е така. Вирусот на грипот предизвикува клиничка слика од најлесни до најтешки случаи, така што кај најтешките може да се очекуваат и вакви исходи. Вирусот на грипот, не само на овој Х1Н1, туку и на другиот, сезонскиот, знае честопати да доведе до компликација, односно да предизвика вирусна пневмонија”, изјави д-р Даниловски.

XS
SM
MD
LG