Линкови за пристапност

На осмислувачите на нападите од 11-ти септември ќе им се суди пред цивилен суд


Главниот американски правобранител Ерик Холдер ја објави одлуката на прес-конференција во Вашингтон:

„По осум години одлагање, наводните одговорни за нападите од 11-ти септември конечно ќе бидат изведени пред правдата. Ќе бидат донесени во Њујорк, да одговараат за наводните криминални дела, во суд што е на само неколку улици од местото каде беа кулите-близначки“, рече Холдер.

Калид Шеик Мохамед заедно со други четворица ко-обвинети се наоѓаат во американската морнаричка база Гвантанамо, во Куба. Администрацијата на Буш имаше намера да ги изведе пред воен трибунал, така што одлуката на Холдер да им се суди пред цивилен суд претставува голема промена во правната стратегија на администрацијата на Обама.

Зборувајќи на прес-конференција во Токио, американскиот претседател Барак Обама, за случајот рече:


„Уверен сум дека Калид Шеик Мохамед ќе биде „подложен на прецизните барања на правдата“. Американскиот народ инсистира на тоа, и мојата администрација инсистира на тоа“, рече Обама.

Холдер пред новинарите рече дека има намера да бара смртна казна на петтемина осомничени за осмислување на нападите од 11-ти септември.

„Се работи за несекојдневни криминални акти и ќе бараме максимална казна. Очекувам обвинителството да бара смртна казна за сите кои учествувале во заговорот на 11-ти септември“, рече Холдер.

Холдер нагласи дека пет други приведени кои во моментов се наоѓаат во Гвантанамо, ќе се соочат со воени комисии, вклучувајќи го и осмислувачот на бомбашкиот напад врз американскиот воен брод Ју-Ес-Ес Кол во Јемен, во 2000-та.

Одлуката да им се суди во цивилен суд на наводните осмислувачи на 11-ти септември беше поздравена од групи како Унијата за американски граѓански слободои, но наиде на критика меѓу конгресни републиканци, кои ја окарактеризираа како неодговорна и погрешна.

Републиканецот Питер Кинг е конгресмен од Њујорк:

„Ова е една од најлошите одлуки што ја донел еден претседател. Со фактот дека ќе се донесат Калид Шеик Мохамед и другите убијци во САД, претседателот им дава законски права што на друг начин не би ги добиле“, кажа Кинг.

Силни реакции уследија и од семејствата на жртвите од 11-ти септември. Синот на Грисел Мојер бил пожарникар од Њујорк, кој загинал во нападите врз Светскиот трговски центар. Таа смета дека е важно судењето да биде во Њујорк. Таму се случи 11-ти сепрември и таму треба да им се суди. Се надевам дека ќе бидат обесени и јас тоа ќе го гледам“.

Главниот американски правобранител Ерик Холдер вели дека одлуката е дел од поголем процес за затварање на притворниот центар Гвантанамо во Куба, како што нареди претседателот Обама.

Но, Холдер предупреди дека ќе биде тешко за актуелната администрација да го испочитува рокот од 22-ри јануари следната година за затварање на Гвантанамо, затоа што има тешкотии во релоцирање на некои притвореници.

XS
SM
MD
LG