Линкови за пристапност

Филмот „Тајната книга“ претставен во САД


„Тајната книга" постои. До нејзина копија дошол Јордан Плевнеш, како амбасадор на Македонија во Франција и познат драмски писател, што го заинтригирало да ги истражи нејзините корени. Во колаборација со Владо Цветановски и Љубе Цветановски, за патешествието е направен филм, полн со мистика и поезија, што води низ многу предели, но почнува во Македонија.

Снимањето траело две години, монтирањето додало уште една, а филмот е завршен пред две години, ни кажа Плевнеш, со кого разговаравме неодамна, на неговата презентација, на Универзитетот на Јута.

Тој е среќен што, како што рече „македонската, тајна, духовна историографија ќе биде споделена со американските пријатели, кои како македонисти насекаде во светот ја бранат идејата за македонскиот идентитет".

Приказната е потрага по еден изгубен средновековен ракопис од кого се останати само две копии, на латински. Едната, вели Плевнеш, се чувала во Музејот на инквизицијата во Каркасон, а другата во музеј во Виена. По Француската револуција копијата била преместена во Националната библиотека во Франција, каде тој ја наоѓа.

„Сите тврдат дека ракописот потекнува од Балканот, а поголем број медиевалисти тврдат дека тој потекнува токму од Големиот град во Преспа, којшто во 1096 година бил уништен од Првиот крстоносен поход ", вели Плевнеш.

Филмот ја раскажува потрагата по тој оригинал на еден европски научник кој доаѓа во Македонија да открие каде е пишувана книгата и ги посетува сите „духовни ходочастија", како што вели Плевнеш, од античкиот до средновековниот период.

Како што тече сценариото, во Македонија живее човек со истото име како авторот на книгата, кој користи гулаби-писмоносци за испраќање пораки до сите светски библиотеки, за да ја откријат „тајната за Македонија".

Тајната во филмот сепак не се открива, но Маја Јакимовска – Тошиќ, од Институтот за македонска литература во Скопје, прави научен обид да го расветли патот на Тајната книга. Нејзиното излагање, поткрепено со сите расположиви податоци за точките каде таа книга оставила траг, даде реалистична и овоземска димензија на оваа фасцинантна приказна.

Француски „Гардијан" филмот го става во релација со „Кодот на Да Винчи" на Ден Браун, а Јордан Плевнеш ни` откри дека работи на роман по оваа приказна, што планира да го објави следната година.

XS
SM
MD
LG