На берлинското предградие се протега мостот Глаинике. Изграден е над реката Хавал и го поврзува Берлин со соседниот град Потсдам.
Но, зад идиличната глетка се крие црно минато. Во екот на Студената војна, мостот беше познат под името Мост на шпиони. Таму комунистичките и западните претставници разменувале тајни агенти и затвореници.
„За нас, граѓаните, од 1961 наваму мостот повеќе не постоеше. Не можевме да се доближиме до него, а погледот беше блокиран од Берлинскиот ѕид“, вели Хаио Келинг, жител на Потсдам.
Изградбата на ѕидот започнала во август 1961 од страна на комунистичката влада на Источна Германија, како физичка препрека што минува низ срцето на Берлин. Но, со тек на време, ѕидот симболизираше подлабока поделеност на Источна и Западна Германја. Тој воедно беше симбол на Железна завеса, линија што го делеше Запад и Исток, или Советски блок.
Ѕидот беше и извор на тензија со постојани стравувања дека Студената војна може да ескалира во поширок конфликт. Но, со тек на време комунистичкиот систем почна да попушта, вели политичкиот аналитичар Јохен Штад од берлинскиот Слободен универзитет.
„Постоеја одредени луѓе кои знаеја дека Источна Германија се наоѓа во лоша ситуација, економијата слабееше. Нашите тајни служби знаеја многу за тоа“, вели Штад.
Најочигледниот знак дека претстојат промени се појави кон средината на 80-те години, кога Михаил Горбачов, ориентиран кон реформи, ја презеде власта во Москва. Овој настан, вели Штад, беше од клучно значење.
„Кога Горбачов дојде на власт во Советскиот Сојуз, народот на Советскиот Сојуз почна јавно да зборува за повторно соединување на Германија“, вели овој аналитичар.
Постоеше разлика во политиката меѓу Москва и Источен Берлин, а поддршката на Кремљ за комунистичкиот режим во Источна Германија, почна да се намалува, додава Штад. Имаше поделба, а западните лидери, како поранешниот американски претседател Роналд Реган, зедоа учество во тој процес.
„Господине Горбачов, урнете го Ѕидот“, се познатите зборови на Реган од 1987-ма година. Тоа е период кога реформистичките струи станаа поактивни во советскиот блок и до летото 1989, Источна Германија го пронајде патот кон Запад преку Унгарија. Тогаш започнаа и мирни демонстрации во Источна Германија.
Додека притисокот од Запад имаше важна улога во случувањата, клучот беше Михаил Горбачов, вели политичкиот аналитичар Мајкл Кокс од лондонскиот Колеџ за економија.
„Со одлуката да не се употреби сила, почна да паѓа целата куќа од карти“, вели Кокс.
И навистина тоа се случи, и тоа побрзо од очекувањата. На 9-ти ноември, Берлинскиот ѕид беше урнат, а со тоа беше соборен и комунистичкиот режим во Источна Германија.
Германија во 1990 повторно се обедини, а до 1991, се распадна и Советскиот Сојуз. Студената војна заврши. За жителите на Источна Германија започна нов живот, полн со предизвици, но без бариери и контролни пунктови.