Линкови за пристапност

Ахмадинеџад го повика Пакистан да ги пронајде одговорните за нападот во Иран


Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад го повика пакистански колега Асиф Али Зардари да помогне во пронаоѓањето на сунитската бунтовничка група за која Техеран тврди дека стои зад нападот на бомаш-самоубиец во неделата во кој загинаа шест команданти на елитната Револуционерна гарда и 36 други лица.

Иранската државна новинска агенција соопшти дека Ахмадинеџад во понеделникот по телефон разговарал со Зардари, порачувајќи му дека двете земји имаат „братски односи“. Ахмадинеџад рекол дека присуството на „терористички елементи“ во Пакистан налага владата на Зардари итно да ги уапси осомничените бунтовници кои се кријат во неговата земја.

Претходно во понеделникот, првиот човек на иранската Револуционерна гарда, генерал-мајорот Мохамед Али Џафари ги обвини Пакистан, Британија и САД за поддршка на бунтовничката група за која Техеран тврди дека стои зад нападот. Тој рече дека британски и американски разузнавачки лица ги обучувале бунтовниците во Пакистан.

Портпаролот на Стејт департментот Јан Кели го осуди бомбашкиот напад како терористички акт, а тврдењата за вмешаност на САД во настаните ги отфрли како комплетно погрешни.

Бомбашот-самоубиец се разнесе во неделата за време на средба на претставници на Револуционерната гарда со шиитски и сунитски племенски водачи во градот Пишин, близу границата со Пакистан.

XS
SM
MD
LG