Една од обврските или привилегиите на граѓанскиот живот во американската демократија, зависно од тоа како се гледа на ова, е службата во судска порота. Само еден од десет случаи на извршени кривични дела одат на суд каде пресудата се донесува со порота. Другите обвиненија се отфрлаат. Или пак, обвинетиот ќе се изјасни за виновен. Или обвинетите бараат судија да го разгледа случајот.
Но, илјадници граѓански тужби доаѓаат до поротата и група полнолетни граѓани мора да се состане да ги слушне аргументите.
Секој ден, граѓани добиваат покана да се јават на суд и да учествуваат во порота. Некои ќе бидат испрашувани од адвокатите на двете страни и одбрани за поротници, а други ќе бидат одбиени и може да заминат дома. Многумина никогаш не стигнуваат да интервјуто каде ќе дознаат дали се избрани за поротници. Го минуваат денот во чекална, читајќи весник и пиејќи кафе додека не бидат ослободени од обврската.
Со други зборови, мали се шансите, некој да биде избран да присуствува на долготраен и комплексен случај. Но, граѓанска обврска или не, тоа не спречува многу Американци да се обидат да го избегнат повикот за учество во порота. Некои велат – поради здравствени причини. Други – имаат авионски билет за таа недела. Трети мора да се грижат за постар и неподвижен пациент.
Се` почесто во актуелната економска рецесија, судовите го слушаат следниот изговор - „Се наоѓам на раб на финансиска бездна. Маж ми ја загуби работата. Шефот нема да ми ги плати деновите кога нема да бидам на работа. Доцнам со ратите од кредитот за мојата куќа“.
Како што рече еден судија од Флорида за „Њујорк Тајмс“ – „заради општата финансиска несигурност, тој е склон да верува во оправдувањата на луѓето и да им дозволи да бидат изземени од должноста да служат како поротници“.
Резултатот од сево ова е што судиите мора да ги прошират мрежите за да пронајдат 12 лица кои ќе бидат порота и неколку нивни замени што ќе бидат во можност и ќе сакаат да служат.