Хонг Конг беше прибежиште за Кина со децении. Изминатите години, рапидниот економски растеж на Кина и` помогна на територијата за време на глобалната економска криза. Кинеските фондови му помогнаа на Хонг Конг да ја избегне финансиската бура.
Во септември, ХСБЦ, една од најголемите банки во светот, најави дека канцеларијата на извршниот директор ќе биде релоцирана во Хонг Конг. Главната канцеларија на банката беше префрлена во Лондон во 1993-та, четири години пред британската колонија да биде вратена под кинески суверенитет.
Стивен Грин, претседавач со банката, вели дека враќањето во Хонг Конг ја навестува промената на глобалната бизнис клима: „Во макро-економијата во светот има промена на центарот од Западот кон Далечниот исток.Тоа е логична последица.“
Во минатото, некои од бизнис-заедницата стравуваа дека економското отварање на Кина ќе ја ослабе позицијата на Хонг Конг. Но, извршните директори велат дека Хонг Конг останува важен за Кина. Хонг Конг е преферирана трговска дестинација за кинески компании.
Странците може слободно да инвестираат во кинески компании во Хонг Конг, каде пазарот е поддржан од цврстиот правен систем.
Роберт Галпин е на чело на „Инвестирајте во Хонг Конг“, владина маркетиншка компанија за промоции. Тој вели - ако бизнисмените сакаат да работат со Кина, на Хонг Конг се гледа како на платформа од низок инвестициски ризик и пристап до можности.
За време на кинеската граѓанска војна во 1940-тите, Хонг Конг стана прибежиште за десетици илјади кинески бегалци од конфликтот и комунистичката власт која уследи во 1949-та. Многумина почнаа бизниси на извоз во градот. Во 1980-тите, фабриките од Хонг Конг се преселија во кинеската провинција Гуангдонг и Хонг Конг помогна во финансирањето на развојот производството во татковината. Денеска размената на капиталот се одвива во двата правци.
Дејвид О Реар, економист од стопанската комора во Хонг Конг, вели дека правниот систем на Хонг Конг и слободниот проток на информации на територијата ќе продолжат да бидат силата на Хонг Конг: „Ако Кина планира да му даде предност на Шангај, треба да му ги даде истите карактеристики како на Хонг Конг“, вели тој.
И покрај некои стравувања за неговата иднината, Хонг Конг продолжува да добива високи оценки од меѓународните бизнис лидери. Неодамнешното истражување на конзервативната американската организација, Фондацијата Херитиџ, го стави Хонг Конг на првото место како најслободна економија во светот, 15 година по ред. Кина е рангирана на 132-рото место.