Линкови за пристапност

Започна Самитот Г-20


Во Питсбург се одржува Самитот на Г-20. Американскиот претседател Барак Обама ќе претседава со средбата на светските лидери на државите кои всушност сочинуваат 85 проценти од светската економија. На агендата е ревизија на прогресот направен од самитите во Вашингтон и во Лондон, а ќе се разговара и за наредните чекори што треба да бидат преземени за одржливо опоравување од финансиската и економска криза.

Од овој самит нема да произлезат големи одлуки, но без оглед на тоа, значаен е и поради тоа што претставува дел од процесот на замена на Групата 8. Аналитичарите веруваат дека Г-8, четирите големи европски сили - Велика Британија, Франција, Германија и Италија, плус Русија, Канада, САД и Јапонија, е дискредитирана и практично минато. Сега на маса ќе седат 19 држави, плус Европската унија како дваесетта членка. Ова е телото што ја прави меѓународната агенда, затоа што е одраз на новата ситуација, на променетиот свет, што ќе рече оддавање должна почит на растечката економска моќ на Кина и на другите пазарни нации во подем.

Г-20 започна како реакција на криза, која, според многу показатели, попушта. Прашањето сега е – која е најдобрата излезна стратегија по силната интервенција на многу држави и влади кои пумпаа големи пари, стимулирачки пакети во националните економии? Постои консензус дека глобалниот финансиски систем треба да има зајакната регулатива, но САД и Европејците имаат различна претстава што значи тоа. Од друга страна, многу од членките, главно поголемите, се залагаат за трансформација на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, затоа што сметаат дека малите европски држави се премногу застапени. Ова нема да биде дочекано со ентузијазам од малите.

XS
SM
MD
LG