Линкови за пристапност

Мајкл Ли:  Македонија со значителен напредок во реформите


Генералниот директор за проширување во Европската комисија на трибина во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон во вторникот зборуваше за актуелната агенда на тој план на Европската унија и за напредокот во реформите на земјите-аспиранти за членство изминатата година.

Конкретно за Македонија, Ли истакна дека во извештајот на Комисијата што ќе биде објавен на 14-ти октомври, земјата може да очекува позитивни оценки:

„Сметам дека земјата има постигнато голем напредок изминатава година.Една од особеностите во процесот на проширување е дека сме мошне јасни во однос на мерилата што треба да бидат задоволени за да земјата појде понатаму.Утврдивме осум клучни приоритетни области каде треба да се реагира.Сигурен сум дека во нашиот извештај оваа година ќе бидеме во позиција да јавиме за значителни постигнувања во исполнување на овие клучни приоритети“, вели Ли.

Претставникот на ЕК наброи напредок во реформите во судството, државната администрација, и, како што истакна, мошне подобрениот дијалог меѓу различни политички фигури во земјата.Тој подвлече дека последните избори во Македонија во голем дел биле изведени согласно меѓународните норми и стандардите на ЕУ.

Ли изрази надеж дека по изборите во Грција ќе дојде до напредок во спорот околу името.

„Се надевам дека по изборите, обете страни повторно ќе се ангажираат во процесот и дека ќе бидеме сведоци на решение по прашањето.Отсекогаш сме потенцирале дека добрососедските односи се клучна особеност на членството во ЕУ. Се надеваме дека, како што гледаме дека се решаваат други долготрајни спорови, на пример оној меѓу Хрватска и Словенија, иовој ќе може да биде решен мошне наскоро“, рече Ли.

ЕУ и натаму има активна агенда за проширување, смета Ли.Според актуелниот план, во неа се вклучени земјите од Западниот Балкан и Турција.Во време кога се шпекулира за обемот на идното проширување на Унијата, особено кон исток, Ли рече дека ЕУ практично се` уште ја апсорбира последната рунда на проширување. Како проблеми и предизвици ги наведе регионалната соработка, особено на Балканот, актуелната глобална криза и ратификувањето на Лисабонскиот договор.

XS
SM
MD
LG