Џефри Сакс, влијателен експерт за економски развој и намалување на сиромаштијата, вели дека паниката што уследи по минатогодишното избувнување на финансиската криза, најверојатно привршува. Тој сепак предупредува дека глобалната финансиска нестабилност има шанси да продолжи со години бидејќи земјите изнашле само краткорочни решенија за проблемот, без да изложат структурални промени потребни за реформи на економскиот систем.
Директорот на Институтот „Земја“, вели дека додека земјите успеале да го избегнат најлошото сценарио, глобалната економија во просек е на мошне лошо ниво, а најсиромашните земји се борат за опстанок.
Сакс за финансиската криза ја обвинува катастрофално лошата монетарна политика и финансиска регулатива.
„Кризата е со епицентар на Вол Стрит. Ако треба да посочам на еден јасен иницијатор на оваа криза, тоа беше појавата на комплетно неуспешниот и несоодветен кредитен пазар, кој за седум години од нула достигна загуба од 62 трилиона долари, без да биде забележано од ниту еден регулатор“, вели овој експерт.
Сакс додава дека се` уште не се знае дали владите ќе воспостават соодветно регулиран систем што би бил за сите побезбеден. Тој упати и остра критика за бонусите вредни неколку милиони долари дадени на извршните директори на корпорациите, и кажа дека се плаши оти оваа пракса ќе продолжи и во иднина.
Сакс е силен поддржувач на технологија подобна за животната средина. Тој вели дека со избувување на финансискта криза минатата година, многумина се свртиле кон таканареченото „зелено опоравување“.
Овој аналитичар додава дека луѓето сметале оти инвестирањето во новата технологија за справување со климатските промени и еколошка заштита, ќе ја спаси глобалната економија. Но тоа не се случило.
„ Немаше значително инвестирање во обновливите енергетски извори. Немаше значително зголемување на обновливата инфраструктура. Она што се случи, паниката се прекина преку мошне динамична монетарна и фискална политика, но не и преку структурни промени“, изјави овој експерт.
Тој вели дека владите не изнашле вистински структурни промени што би понудиле иден развој на настаните за наредните години и децении.
Џефри Сакс истакна дека не постои кохерентна политика која ќе ја поврзе макроекономијата, грижата за животната средина и грижата за економски развој. Затоа, вели тој, светската економија и натаму е неизбалансирана и кревка.