Линкови за пристапност

Закана за традицијата на пабови во Британија


Британските пабови се затвараат со алармантно темпо – речиси 2400 лани, при што 24.000 луѓе останаа без работа.

Критичарите велат дека ако владата во Лондон не ги намали даноците на пивото, негативниот тренд ќе продолжи.

Стотици години, британските пабови се центар на социјалниот живот. Тие се место за кригла пиво и убав разговор.

Но, на британските пабови им се заканува затварање поради забраната за пушење и високите даноци за пивото.

Бриџит Волш е во овој бизнис 42 години. Таа вели дека се менува културата на пабовите.

“Луѓето не одат повеќе во пабови како порано, на начин на кој тоа го правеа со години. Тие сега одат во ресторани. Ќе купат ефтин пијалак во супермаркети и пијат по домови во друштво“, вели таа.

Пабовите кои некогаш беа место за пушење цигари – повеќе не се зачадени. Пушачите треба да излезат надвор за да запалат цигара. А тоа се одразува на бизнисот.

„Ако не може да добијат пиво со цигара, тогаш ќе пијат дома“, вели Волш.

Нил Вилијамс од Британската асоцијација за пиво и пабови вели дека проблемот е сериозен, зашто педесет и два пабови затвараат секоја недела во Велика Британија. Вилијамс вели дека ако не се преземе нешто за прекин на трендот, засекогаш ќе бидат загубени некои од омилените пабови.

Вилијамс вели дека даноците на пивото кое се служи во пабовите се зголемени за 20 проценти во последните 18 месеци. Освен тоа забраната со пушењето цигари се совпаднала со многу негативни фактори, како зголемени трошоци, рапидно влошување на економски услови, зголемувањето на даноците, и сето тоа го направило трендот со пабовите неизбежен.

Но, Стујард Милс, бизнисмен, во влошената економска состојба гледа можности. Тој е на чело со интернет сервис, кој им овозможува на корисниците да добиваат пошта во нивните локални пабови.

„Се обидуваме да постигнеме две работи: повеќе луѓе почесто да доаѓаат во пабови, но и да им се помогне на пабовите да ја зацементираат позицијата како центар на гравитација во нивните локални заедници“, вели Милс.

Баровите за вино, од неодамна, ги преземаат муштериите од пабовите.

Сепак, британската љубов за пиво и ретки летни денови може да е индикација дека овој бизнисот никогаш нема сосема да пропадне. Така барем се надеваат сопствениците на пабови.

XS
SM
MD
LG