Линкови за пристапност

САД не сакаат Гадафи да постави шатор во Њујорк


Како домаќини на ОН САД се обврзани да му овозможат на Гадафи и на другите светски лидери да присуствуваат на активностите на ОН.

Официјални лица јавно велат дека не се одушевени од планот либискиот лидер да го постави неговиот заштитен знак, бедуински шатор, овој пат во дворот на куќата на шефот на либиската мисија при ОН во Њу Џерси.

Либискиот лидер има традиција да ги прима странските официјални лица во шатор во Либија. Изминативе години, тој поставува шатор и кога присуствува на некои меѓународни средби.

Магазинот Њусвик напиша дека Гадафи одлучил да постави шатор во либиската резиденција во Инглвуд, Њу Џерси, откако не му била дадена дозвола да постави таков во њујоршкиот Централ парк.

На планот се спротивстави локалното население во Инглвуд, каде живее мнозинска еврејска популација и во чија близина се наоѓаат домовите на некои членови од семејствата од Американците кои загинаа при разнесувањето на авионот на Пан Ан во 1988-ма над Локерби, во Шкотска, за што Либија презеде одговорност и плати отштета на жртвите.

Висок официјален претставник идејата да се постави шатор во Инглвуд рече дека „ужасна“, но додаде дека Стејт департментот се` уште дискутира за формален став по прашањето.

Истиот официјален претставник го оцени како „одвратен“ пречекот што како на херој владата на Гадафи му го приреди на бомбашот Абдел Басет ал-Меграхи, кој беше ослободен од затвор од шкотските власти затоа што боледува од рак.

На прес-конференција, портпаролот на Стејт департментот Иен Кели рече дека третманот на Меграхи од Либија ќе се одрази на американско-либиските врски: „Прославувањето на неговото враќање беше особено вознемирувачко зашто ние јасно и ставивме до знањето на либиската влада дека внимателно ќе следиме каков пречек ќе му биде даден. Ваквите настани може да имаат негативно влијание на нашите врски“.

Саиф ал-Ислам Гадафи, синот на либискиот лидер, бил во толпа која со радосни извици го пречекала Меграхи на аеродромот во Триполи. Либискиот лидер лично го посетил Меграхи во неговиот дом во саботата.

Претседателот Обама минатата недела повика Меграхи да биде ставен во куќен притвор. Официјален претставник рече дека обвинетиот терорист не го напуштил домот од пристигнувањето во Либија и им оддаде признание на либиските власти што го ограничиле бројот на лица кои го чекале на аеродромот.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека САД не се согласуваат со одлуката на шкотските власти за ослободување на Меграхи. Но, тој додаде дека тоа нема да им наштети на традиционално топлите односи меѓу САД и Британија.

XS
SM
MD
LG