Портпаролот на Хјуман Рајтс Воч изјави дека ракетни напади чија цел биле израелски цивили биле „незаконски и неоправдани“.
Во најновиот извештај на групата се вели дека милитантите на Хамас исфрлиле ракети од кои загинале две израелски девојчиња, а околу 800.000 израелски цивили биле доведени во ризична ситуација.
Во документот се наведува и дека со насочување на ракетите на густо населени области, милитантите доведувале во ризик цивили во Газа, поради контра-нападите од израелска страна.
Извештајот се фокусира на тактики на Хамас од минатиот ноември до средината на јануари, пред и по израелската тринеделна офанзива во Газа.
Хјуман Рајтс Воч и другите групи за заштита на човековите права на неколкупати го обвиниле и Израел за воени кривични дела. Во најновата израелска офанзива загинаа најмалку 1.300 Палестинци и 13 Израелци.