Линкови за пристапност

Арапско-курдскиот судир во Ирак – најголема закана по стабилноста


Ирачкиот премиер Нури Ал Малики во саботата отпатува во полуавтономниот курдски регион на прва средба годинава со регионалниот претседател Масуд Барзани. Потоа премиерот Малики се заложи за повеќе средби и соработка, а претседателот Барзани рече дека ќе испрати делегација во Багдад.

Во многу земји, регионалните прашања, вклучувајќи ги и граничните или распределбата од приходот од собраните даноци, не би биле голема закана по безбедноста. Но, северниот курдски регион има своја армија и ужива еден вид автономија од остатокот на земјата откако САД почнаа со „зоната за забранети летови“ против силите на Садам Хусеин во 1991-ва. Областа е мирољубива и просперитетна и имаше серија избори за регионалната влада.

Курдите веруваат дека се наоѓаат во силна позиција да издејствуваат реализирање на барањата – повеќе територија каде етничките Курди живеат на југот од сегашната регионална граница, како и поголем дел од даноците кои се собираат со извозот на ирачка нафта. Но, од друга страна и централната влада смета дека има силна позиција, со подобрената армија и зголемената моќ и овластувања по намалување на американската улога. Многу ирачки Арапи веруваат дека курдската област е веќе преголема.

Мајкл О Ханлон од институцијата Брукингс од Вашингтон вели дека има различни погледи во светот за тоа како да се решат несогласувањата. Тој вели дека целото тоа движење за одвоен Курдистан не е во согласност со новиот Ирак кого сите сакаат да го изградат. Решение тој гледа во компромис од двете страни.

Ирачкиот Устав повикува на референдум за идниот статус на ирачкиот Курдистан и неговите граници. Но, рокот одамна беше пречекорен. Двете страни не можат да се договорат за што треба да биде референдумот и кому треба да му се дозволи да гласа. Најконтроверзен е статусот на Киркук, што Курдите го сакаат, но во моментов не се наоѓа на нивна територија. Неговата популација е етнички разнолика и околниот регион е богат со резерви на нафта.

Во време кога ирачката армија се дооформува и станува посилна, имаше неколку инциденти меѓу националните сили и курдската армија. Во некои случаи, само присуството на американската армија спречи насилство.

Мајкл О Ханлон вели дека актуелната состојба е рецепт за катастрофа и САД треба да преземат водечка улога во медијаторството меѓу ирачките Курди и Арапи, додека се уште имаат стационирано 130.000 војници во земјата.

Сектетарот за одбрана Роберт Гејтс го посети Ирак кон крајот на јули и откако разговараше за овие прашања со премиерот Малики во Багдад, отпатува на север да се сретне со регионалниот претседател Барзани во неговата официјални резиденција во Ирбил. По посетата тој изјави дека двете страни се согласни дека е важно да се најде компромис, додека Американците се уште во позиција да помогнат.

Но, еден од главните вашингтонски аналитичари е скептичен дека тоа е реално. Антони Кордесман од Центарот за стратегиски и меѓународни студии вели: „За секој постигнат договор се потребни месеци да профункцинира и да се тестира. Ова е таков проблем што не може да се реши со еден договор или референдум“.

О Ханлон вели дека ако арапско-курдскиот проблем се постави на линија за решавање додека американските војници се таму, до крајот на 2011-та, земјата ќе биде во релативно мирољубиво статус кво. Но тој е загрижен тоа нема да се случи и дека без присуството на американски војници проблемот може да ескалира во граѓанска војна, затоа што двете страни се добро вооружени.

XS
SM
MD
LG