Бројот на семејства-бездомници во САД е во пораст. Главниот американски град е една од областите каде појавата е зачестена – Вашингтон бележи пораст од 15 проценти во бројот на бездомни семејства, според податоците на локалните организации кои се грижат за нив. Експертите сметаат дека трендот се должи на актуелната економска криза, но и на високите цени на живеењето, особено во поголемите градови.
Највидливи бездомници во Вашингтон се обично постари мажи и жени, мажи кои одбиваат да останат во прифатлишта и го минуваат денот скитајќи по парковите и улиците. Но, има и цели семејства – бездомници.
Самохраната мајка Моника Вокер ги зема децата од училиште во Вашингтон. Ова семејство наликува на секое друго во градот, но со една разлика – Моника и децата две години биле бездомни.
„Немаше каде да одам. Моите деца немаа каде да одат. Ми беше потребна помош, знаев дека ми треба помош“, раскажува оваа жена.
Во 2007-ма, Моника го загубила работното место и станот поради зависност од дрога. Сега се враќа во нормала. Живее во стан на транзициониот комплекс на организацијата „Заедница на надеж“ која им помага на бездомните.
„Имам нешто што можам да кажам дека е мое, иако е привремено засолниште. Можам на децата да им кажам – ајде да си одиме дома“, вели Моника.
„Заедница на надеж“ е локална непрофитна организација која и` помогнала на Моника да добие соодветен третман за зависноста од дрога и наскоро таа со своето семејство ќе се пресели во сопствен трособен стан во Вашингтон.
Кели Свени-Мекшејн е извршен директор на „Заедница на надеж“. Вели - во секое време има 200 до 300 семејства на кои им се потребни транзиционите станови во комплексот. Најдоброто решение, според Свени-Мекшејн, е да им се обезбедат трајни домови:
„Кога се во такви домови, многу се поподготвени да примат помош, за сопствени ментални проблеми, проблеми на децата на училиште, или пак проблеми со дрогата. Тоа е подобро место да им се пружи помош отколку кога се во прифатилишта“.
Мајкл О’ Рурк раководи со центар за бездомници во Арлингтон, предградие на Вашингтон, област каде бројот на бездомни семејства нараснал за дури 23 проценти. Центарот нуди 10 станови, но и курсеви на кои се учи како да се биде независен.
„Програмата е таква што киријата е субвенционирана преку двегодишна помош, со што семејствата можат да акумилираат одреден капитал, а истовремено и да развијат животни и деловни вештини како начин за стекнување на независност“, вели Мајкл О’Рурк.
Дона Метју од Вашингтон и нејзиниот син Џејлен сега имаат покрив над главата благодарение на програмата. Живеат во стан со двособен стан, добиен преку помош.
„Сега можам и да заштедам нешто пари, а Џејлен оди во приватно училиште. Имам каде да спијам. Имам храна во фрижидерот. Станот за мене е како палата“, коментира Дона.
Дона планира и да се запише на студии, за да добие повисоко платена работа. Таа вели дека никогаш нема да се врати на улицата.