Линкови за пристапност

Иницијатива на ученици од Вирџинија го претвори нивното училиште во еколошки пример


Глобалното затоплување, присутно со години, е една од главните грижи меѓу оние кои веруваат дека нашата планета се загрева со алармантно темпо. Во средното училиште „Томас Џеферсон“ во Вирџинија, кое во наставната програма има часови по наука и технологија, група ученици реши да го смени начинот на кој тоа се напојува со енергија и така да придонесе за намалување на глобалното затоплување.

Сет Колкер и неговите другари се нафатија да набават соларни плочи и да ги инсталираат на покривот на училиштето.

„Кога имате решителна група од 30-40 ученици кои работат заедно и кога станува збор за интелегентни деца, може многу да се постигне“, вели нивната професорка Аманда Хуровиц.

Ова средно училиште се снабдува со електрична енергија од електрана што согорува јаглен.

„Јагленот е всушност чист јаглерод и со негово согорување, јаглеродот се ослободува во атмосферата, што придонесува за глобалното затоплување“, раскажува Колкер.

Во акција против затоплувањето, училишта ширум САД започнаа да инсталират соларни плочи. Се` до неодамна, училиштата во околината на главниот град Вашингтон и соседната сојузна држава Вирџинија се двоумеа дали да го поддржат трендот, главно од финансиски причини, бидејќи плочите се скапи. Тоа не ги обесхрабри учениците од „Томас Џеферсон“.

„Испративме писма до корпорации, барајќи пари за соларните плочи“, објаснува ученичката Лиса Хунта.

„Најпрвин успеавме да собереме 15.000, за на крајот да завршиме со 56.000 долари“, додава Колкер.

Дваесет и двете соларни плочи на покривот на училиштето може да задоволат околу три проценти од целосната потреба на училиштето за енергија. Можеби не звучи многу, но со време, заштедата ќе биде значителна.

„За околу една година, овие соларни плочи ќе заштедат околу пет тони јаглерод што би се испуштил во атмосферата“, вели Колкер.

Иако соларните плочи се поставени и функционираат, иницијативата на учениците за чиста животна средина не е завршена: на паркингот на училиштето веќе започнале да градат објект со таканаречен „зелен“ или еколошки покрив, а планираат да инсталираат дополнителни соларни плочи и турбини на ветер.

XS
SM
MD
LG