Експертите самоубиството го нарекуваат „редок феномен“, но во редовите на американската армија изминативе години, овој феномен не е ретка појава.
Бројот на самоубиства во армијата во 2007 година достигна рекордни 115 случаи, а минатата година, оваа бројка нарасна на 139. Оваа година, армијата е на добар пат да ја надмине и таа цифра.
„Денес, бројот на самоубиства е поголем од 2008-ма, тоа не е спорно“, вели генералот Питер Кирели, заменик-началник во американската армија. Тој изјави дека бил алармиран од бројот на самоубиства во првите два месеца од годинава, но дека оттогаш-наваму темпото е намалено.
„Во јануари и февруари беше регистрирано 41 самоубиство. Изминативе четири ипол месеци пријавен е 51 случај на самоубиства. Не се сите потврдени, но вкупната бројка досега е 92-ца војници кои извршиле самоубиство“, додава Кирели.
Армијата започна неколку програми чија цел е обука на военото раководство и војниците за можни знаци на очај меѓу трупите и можност на лицата со такви симптоми да им биде пружена професионална помош.
Сепак овие напори не донесоа намалување на стапката на самоубиста и затоа надлежните во армијата решиле да добијат научни докази за причините, поединечните слабости и најдобриот можен третман.
Д-р Томас Инсел е директор на Американскиот национален институт за ментално здравје. Тој верува дека преку оваа студија ќе се дознае многу за менталните слабости, за ризикот и издржливоста и како да се модифицира и подобри отпорноста. Тој вели дека тоа и` е потребно на нацијата, а не само на армијата.
Многумина во и надвор од армијата претпоставуваат дека зголемувањето на бројот на самоубиства, може да се поврзе со стресот поради ангажманите во воените зони, каде војниците се соочуваат со секојдневна опасност и долго време се одвоени од своите семејства. Меѓутоа, докторот кој ќе ја предводи оваа голема студија, Роберт Урсано, вели дека научниците не можат директно да го поврзат распоредувањето во воените зони со самоубиствата, барем не додека не го направат истражувањето.
Д-р Урсано вели дека најчест фактор за кој се верува дека придонесува за самоубиство, прекин на врска, не е невообичаен за армијата, иако може да се влоши поради распоредувањето во воени зони.
„Прекин на една врска е најчестиот фактор, но ова е точно без оглед на тоа дали се работи за цивилно лице или за војник. Проблемот е што во реалноста постојат илјадници прекинати врски што не завршуваат со самоубиство и затоа се поставува прашањето која од нив завршува трагично?“, вели Урсано.
Д-р Урсано додава дека ист вид на стрес влијае на различни луѓе на различни начини. Додека едни успеваат да ја пребродат стресната ситуација по прекинатата врска или распоредување на бојно поле, други се мошне погодени од тоа, а мал број прибегнува кон самоубиство.
Преку оваа студија д-р Урсано и неговите колеги од Харвард, Универзитетот Колумбија и Универзитетот Мичиган, се надеваат дека ќе можат да го идентификуваат карактерот, генетиката, демографските, медицински и други фактори од кои може да се предвиди тенденцијата кон самоубиство, како меѓу војниците, така и меѓу цивилите. Потоа, следен чекор би бил изнаоѓање на соодветен третман за лицата со таква тенденција, со цел да се намали веројатноста дека одреден стрес ќе поттикне обид за самоубиство.
Д-р Урсано и неговиот тим ќе го интервјуира секој нов регрут во американската армија во период од три години -- преку 250.000 главно млади луѓе од кои повеќето мажи. Ќе бидат интервјуирани и дел од постарите војници, а фокусот главно ќе биде на оние кои веќе се обиделе да се самоубијат. Планирано е да се консултира персоналот и медицинските податоци на војниците кои извршиле самоубиство, а ќе бидат интервјуирани и членови на нивните семејства и пријатели.
Директорот на Националниот институт за ментално здравје, д-р Инсел, вели дека верува оти ова ќе биде значајна студија која ќе го промени начинот на кој Америка, а можеби и светот, се третира овој голем и недоволно разбран проблем.
Во меѓувреме, армијата продолжува да отвара центри за намалување на стресот, каде ќе се даваат и професионални совети што би воделе во насока на намалување на бројот на самоубиства пред завршувањето на студијата за пет години.