Линкови за пристапност

Жестока дебата во Конгресот за реформи во здравството


Претседателот Обама води интензивна кампања за актуелниот домашен приоритет број еден - реформи во системот за здравство кои би чинеле најмалку еден трилион долари. Тој смета дека ова може да се постигне без зголемување на федералниот буџетски дефицит.

Пред средбата во вторникот со демократите од Комисијата за енергетика и трговија при Претставничкиот дом, една од петте Комисии во Претставничкиот дом и Сенатот кои ја изготвуваат легислативата, претседателот повторно истакна дека Конгресот треба да ја остави политиката настрана и да ја заврши работата.

„И повторно, слушаме изговори за одложување или поништување на реформата. И повторно американскиот народ е оној кој страда, бидејќи надлежните во Вашингтон се занимаваат со политика, наместо на прво место да ги ставаат интересите на американскиот народ“, рече Обама.

Легислативата што претседателот и неговите колеги демократи се обидуваат да биде усвоена до крајот на годинава, би креирала опција на владино здравствено осигурување, кое би му конкурирало на она на приватните осигурителни компании. Новата мерка ќе налага секој да има здравствено осигурување, а работодавците ќе бидат обврзани да го обезбедат тоа право.

Републиканците се противат на предлогот за даночно зголемување на оние со високи примања за да се покријат трошоците на новиот систем и тврдат дека владиното преземање на здравствената грижа ќе чини многу повеќе од она што демократите и претседателот предвидуваат.

Републиканците потенцијалните трошоци ги поврзуваат со, како што велат, досегашниот неуспех на Американскиот акт за обнова и реинвестирање, стимулативниот план тежок 787 милијарди долари, што беше одобрен од Конгресот со цел да ја поттикне екномијата. Овој став претседателот Обама и Демократската партија го отфрлаат.

Републиканската конгресменка Кендис Милер е меѓу оние законодавци кои го критикуваа предлогот на Обама:

„На нашиот национален долг му беа додадени 787 милијарди долари, а годишниот дефицит се приближува на два трилиона. Сега ни се кажува дека треба итно да усвоиме план за реформи во здравството, бидејќи сме во криза“, истакна Милер.

Џин Грин е демократ од Тексас, и член на Комисијата за енергетика и трговија.

„Факт е дека 43 до 50 милиони жители на нашата земја се без здравствено осигурување. Здравствената грижа ја добиваат во просториите за итна помош. Знаете ли кој плаќа за тие услуги? Ние, кои имаме осигурување“, вели Грин.

Во преговори зад затворени врати, демократите во Претставничкиот дом се обидуваат да ги надминат забелешките на конзервативните демократи кои негодуваат заради трошоците врзани за мерката.

Разликите околу здравствената заштита беа присутни и во Сенатот меѓу деморкатските и републиканските законодавци. Лидерот на сенатското мнозинство Хари Рид, кажа дека републиканците сакаат статус кво: „Републиканците не се заинтересирани да работат со демократите за решавање на овој проблем. Тоа е премногу јасно. Тие едноставно сакаат да одржат статус кво или осигурителните компании и натаму да бидат главни носители на здравствената грижа за Американците“.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел го повтори предупредувањето на неговата партија – да не се избрзува во усвојување на комплицирана и скапа легислатива за здравството.

„Видовме со примерот со економскиот стимулативен план, што може да се случи кога ќе се избрза во усвојување на комплексна легислатива пред луѓето да имаат можност да ја разберат нејзината суштина“, рече сенаторот Меконел.

Демократите во Претставничкиот дом велат дека и натаму работат на завршни измени на мерката и доколку е можно таа би се ставила на гласање пред почетокот на одморот за американските законодвци во август.

Сепак, заради забелешките на конзервативните демократи, можно е претседателот да биде приморан да го прифати одлагањето за гласање по легислативата до септември.

Според испитувањата на јавното мислење, мнозинството Американци ја поддржуваат идејата за реформи во здравството, но неколку неодамнешни анкети покажуваат намалување на поддршката за начинот на кој претседателот Обама се справува со прашањето.

XS
SM
MD
LG