Претседателот Обама речиси секојдневно говори за напорите за реформи во здравството, истакнувајќи ја важноста од долгорочна економска благосостојба за САД.
Тој во понеделникот го посети Детскиот национален медицински центар во Вашингтон, каде се сретна со доктори, медицински сестри и вработени во администрацијата. Обама потоа изјави дека она што го чул само ја зајакнува тезата за итна рефора во системот за здравство.
Американскиот претседател додаде дека во Америка постои
криза во здравството и дека не смее да се дозволи политиката да им попречи на
планираните реформи.
„Потребата од реформи е итна и не е спорна. Никој не порекнува дека сме на неодржлив
пат", истакна Обама.
Интензивирањето на кампањата на Белата куќа за реформи во
здравството се случува во време кога јавната поддршка за ставот на
претседателот по прашањето, се чини дека опаѓа.
Анкетата спроведена од Вашингтон Пост и телевизијата
Еј-Би-Си, покажува зголемен сомнеж меѓу Американците за начинот на кој
претседателот Обама се справува со прашањето за реформи во здравството.
Помалку од половина од анкетираните, или 49 проценти,
велат дека се согласуваат со ставот на претседателот за здравствената грижа. Ова
е помала бројка од 57-те проценти во април.
Кусо време по објавувањето на резултатите на анкетата, претседателот
на Републиканската партија, Мајкл Стил, одржа говор во кој го нападна
притисокот на претседателот за спроведување на реформи во здравството.
„Експериментот на Барак Обама со Америка, е ризик што
нашата земја не може да си го дозволи.
Тоа е премногу, пребрзо и прескоро", истакна Стил.
Други републиканци беа уште покритички настроени, еден
сенатор дури рече дека здравствената грижа можно е да биде политички пад за
Барак Обама.
„Не се работи за мене. Не се работи за политика. Се
работи за системот за здравство што ги разединува американските семејства,
американските бизниси и американската економија", одговори Обама.