Линкови за пристапност

Според светска анкета, Обама, а не американската политика наидува на одобрување    


Според нова анкета на речиси 20.000 испитаници во Кина, Индија, Индонезија, Русија и други земји ширум светот, американскиот претседател Барак Обама добро котира. Но, истовремено, многумина веруваат САД ја користат воената моќ за да ја наметнат својата волја.

На прашањето дали имаат доверба дека Обама „ќе го преземе вистинскиот чекор“ за сите земји во однос на светските случувања, 61 процент одговориле дека имаат одредена или голема. Сепак, во сите 20 земји вклучени во анкетата на конзорциумот на истѕражувачки организации – „World Public Opinion.org“, мнозинството велат дека САД ја користат „заканата од воена сила“ за да добијат предност. Во просек, 77 проценти сметаат дека САД се закануваат. Генерално, има различни мислења за тоа дали САД играат позитивна улога во светот.

Ранда Слим, соработник на Американскиот институт за мир во Вашингтон, коментира дека Обама мора да ја искористи добрата волја што ја создаде по минатомесечниот говор во Каиро.

„Треба да постигне краткорочен успех по прашања важни за луѓето од регионот. Прво е арапско-израелскиот конфликт. Остварувањето на прекин на изградбата на израелските населби ќе внесе огромна промена“, смета Слим.

На пазар во западен Ерусалим, Израелците и Палестинците понудија различни реакции:.

„Откако го слушнавме во Каиро, се работи за добар човек, добар претседател кој ќе му помогне на палестинскиот народ“, вели еден неидентификуван Палестинец.

„Не е способен да раководи со светот, но може да упати повик во однос на мирот. Можеби на луѓето ќе им даде сигнал дека е време за мир во светот“, коментира Рафи, Израелец.

Ранда Слим смета дека за Обама е важно да се придржува до својот план за повлекување на сите американски сили од Ирак до крајот на 2011-та година. Во негова корист е и да се сретне со различни муслимански групи што го претставуваат главниот ек на исламските вредности, вели аналитичарката.

„Треба да говори директно со луѓето од светот каде муслиманите се мнозинство, за да им каже – иако самиот е христијанин – како смета дека демократијата е исламски принцип“, вели Слим.

На ова се надоврзува Стивен Кул, директор на конзорциумот што ја спроведе анкетата „Глобалниот имиџ на Америка во ерата на Обама“: „Како САД ќе се справат со исламските партии? Во говорот во Каиро, Обама не беше прецизен по ова прашање. Постои претстава дека САД се подготвени да одат наспроти своите демократски принципи затоа што владата на Обама смета дека исламските партии нема да бидат од помош на американската надворешна политика. Тоа е негативно во гледиштето на муслиманите ширум светот, вклучувајќи ја Индонезија“.

Скромно мнозинство Индонезијци од 54 проценти изрази доверба во Обама во однос на светските прашања. Со сличен став беа и испитаниците од Кина - 55 проценти од нив.

„Тој е нов претседател, шармантен, со млад дух и се чини дека поседува огромна страст и енергија“ вели Кинезот Жи Веи.

Освен за политиката, анкетираните изразија загриженост и за американскиот став во однос на глобалните климатски промени.

XS
SM
MD
LG