Линкови за пристапност

Турција се обидува да балансира меѓу Запад и Иран


Турските сојузници САД и Европа изразуваат зголемена критика за претседателските избори во Иран и акцијата на иранските безбедносни сили врз демонстрантите. Но Анкара остана тивка, по испраќањето на честитка од страна на турскиот претседател Абдула Ѓул до неговиот ирански колега Махмуд Ахмединеџад.

Во понеделникот, турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу одби да го критикува задушувањето на демонстрациите.
Тој рече дека турската влада верува оти проблемите во Иран ќе бидат решени со нивни, внатрешни механизми, со најдобар можен исход. Според него, Турција се надева дека динамичните и со голем одзив претседателски избори нема да бидат засенети со неодамнешните развој на настаните.

Тој се залага Турција да работи на подобрување на врските со сите соседи, вклучувајќи го и Иран.

Лани кога остатокот од Европа го игнорираше иранскиот претседател, турскиот претседател го прими Ахмединеџад во Истанбул. И покрај американската критика, Турција се повеќе гледа во Иран како алтернатива за Русија во однос на енергетското снабдување.

Турскиот новинар Акиф Емре вели дека политиката на владејачката исламистичка партија во Турција спрема Иран не значи отфрлување на западните сојузници: „Новата политика на Турција е задржување силни врски со Западот, како и отварање нова област од Африка кон Блискиот исток и соседите“.

Експертот за меѓународни односи Ченгиз Актар од истанбулскиот универзитет Башесехир, вели дека е невозможно да се пронајде рамнотежа во врските со Иран и со Западот: „Не може да имаш двојна или тројна политика кога се работи за меѓународните прашања, затоа што ова што се случува во Иран е прашање на демократија. Како во примерот со Судан, владата е во
контрадикција со сојузниците“.

На улиците во Истанбул има мала поддршка за Ахмединеџад и за ставот на турската влада за неговата изборна победа.

„Во рамки на нивните демократски права е да го сакаат Мусави, но приврзаниците на Ахмединеџад манипулирале со гласовите и нивните права се украдени. Мислам дека луѓето се во право што ги бранат нивните права и јас ги поддржувам“, кажа еден случаен минувач.

Друг вели: „Не верувам дека турската влада има аргумент за Иран. Тргнувајќи од нашата држава, треба да ја промовираме слободата повеќе од било што.“

Шефот на турската дипломатија Давутоглу вели дека турскиот неконфронтирачки став спрема Ахмединеџад ја става во идеална позиција за смирување на тензијата меѓу Иран и Западот, особено за нуклеарните амбиции на Техеран.

Но, професорот Актар вели дека турскиот министер за надворешни работи ја преценува важноста на неговата земја: „Тој веројатно мисли дека може да биде тоа што ќе стои меѓу Иран и Запад. Но никој тоа не го бара од Турција!“

Иран неколкупати ја отфрли понудата на Турција за медијаторство со САД. Со заземањето цврст став кон нивните протестанти, Анкара самата може да се најде во тешка ситуација.

Се зголемуваат повиците од внатре во Иран и меѓу турските сојузници за поцврсти санкции врз Техеран. Колумнистот Емре вели дека таквиот чекор ќе биде тежок испит за Анкара: „Турција ќе се обиде да одржи рамнотежа. Но, ако ЕУ и САД развијат нова политика спрема иранскиот режим, тие ќе бидат на линија со западниот блок“.

Иранскиот претседател ја зголеми реториката против Западот, додека новинските извештаи јавуваат за интензивирање на мерките за замолчување на демонстрантите. Аналитичарите велат дека тоа е дополнителен притисок врз турскиот балансиран став меѓу Западот и Иран.

XS
SM
MD
LG