Линкови за пристапност

Пакистанците го поздравија говорот на Обама, но чекаат на специфичности


За Сајид Махмуд Кази, студен по право и меѓународни односи кој работи за пакистанската влада, нема сомневања дека говорот на Обама во Каиро бил импресивен: „Тоа беше прекрасен говор за еволуцијата на американското општество и улогата на Исламот, за улогата на Муслиманите, независно дали се таксисти во Њујорк или богати. Беше прекрасно тоа да се слушне од највисокото ниво на американското лидерство“, вели Кази.

Но, тој рече дека како студент по право, описот на претседателот Обама за ирачката војна како „војна на избор“, за него е лицемерен: „Не се согласувам, господине Обама. Војната беше многу повеќе од тоа. За почеток, Обама требаше да изрази жалење, ако не и да се извини за инвазијата врз Ирак“, кажа тој.

На Мухамад Ариф Мукуем, студент од Исламабад, му се допаднал говорот. Но, тој вели дека во него немало предлози за решенија на специфични политички прашања за кои тој верува дека мора да бидат разгледани:

„Неговиот говор беше добар, но само за слушање. Не за разбирање. Тоа е невозможно додека не се реши израелско-палестинскиот спор, прашањата со Пакистан и со Авганистан, како и со Ирак“.

Асад Фарук, студент од Универзитетот Бахриа во Исламабад, вели дека говорот на Обама е „брилијантен“ напор. Сепак, Фарук се прашува дали Обама ќе признае дека американските напади со проектили врз осомничени терористички бази во Пакистан го отежнуваат верувањето во неговите намери:

„Што е екстремизам?. Сега имаме напади од беспилотни летала што се случуваат во Пакистан. Сега има причини за екстремизам. Обично гинат деца и жени во племенските области. Тие не убиваат терористи. Таквите напади не помагаат – употребата на сила нема да помогне. Често велам дека тероризмот е идеја и не се бориш против тероризмот со конвенционални армии.“

Севкупно гледано, овие Пакистанци велат дека е потребно многу повеќе од добар говор за промена на расположението на пакистанските Муслимани спрема САД. Тие велат дека се потребни конкретни промени во децениската американска политика спрема Пакистан.

XS
SM
MD
LG