Линкови за пристапност

Вакцина против рак - ветувачка


Истражувачите на Универзитетот во Тексас, Центарот за рак Андерсон, во Хјустон, велат дека резултатите од две студии многу ветуваат. Вакцина за лимфома го продолжила животот на пациенти кои добиле пласибо (лажни лекови) и вакцината наскоро може да биде одобрена од американската администрација за храна и лекови за клиничка употреба.

Другата студија покажала дека вакцина може да биде ефикасна во борба против напредната меланома, една од најсмртоносните форми на рак. Истражувачите од Хјустон ги презентираа своите наоѓања на двете студии изминатиот викенд, на средба на Американското друштво на клинички онколози во Орландо, Флорида.

Доктор Патрик Ву, претседавач на Одделот за меланома вели дека ова помогнало да се приближат до употреба на вакцината во таканаречената трета фаза. А тоа, пак, значи студија со употреба на контролна група за да може да се направи разлика меѓу оние кои примаат третман со вакцина и оние кои не примаат вакцина.

Вкупно 185 пациенти во 21 центар за рак во САД учествувале во студијата. Пациентите кои примиле вакцина заедно со имунотераписки лек, Интерлеукин-2, реагирале со стапка од 22,1 процент и болеста не напреднала 2,9 месеци, споредено со 9,7 проценти и 1,6 месеци кај оние кои примале само Интерлеукин-2.

Ниедна од вакцините развиени во овие студии не покажала сериозни странични ефекти. И двете биле дизајнирани да го поттикнат имунитетниот систем на телото за борба против канцерогените тумори, што е тешка задача со оглед на тоа што имунитетниот систем главно не ги препознава канцерогените клетки како туѓи тела.

Доктор Ву вели дека вакцината за меланома работи на база на употреба на синтетички хемикалии кои играат улога на протеини најдени на површината на канцерогените клетки. Имунитетниот систем го напаѓа туѓиот протеин како и ракот кога процедурата функционира. Доктор Ву вели дека дури и скромен успех на такви вакцини на научниците им отвораат многу патишта за натамошни проучувања.

Пациентите кои учествувале во овие студии не биле подложени на хемотерапија во догледно време пред тоа, зашто хемотерапијата го оштетува имунитетниот систем. Истражувачите велат дека некои поранешни вакцини можеби пропаднале токму заради тоа што пациентите претходно биле подложени на хемотерапија. Тие додаваат дека третманите кои го стимулираат имунитетниот систем на пациентите во борба против канцерогени израстоци можат да се покажат ефикасни дури и во убивање на мали канцерогени израстоци што лекарите може да ги пропуштат.

Во истражувачкиот проект од 2009 стои дека повеќе од 68 илјади луѓе ќе бидат дијагностицирани со меланома и повеќе од осум илјади од нив ќе умрат. Околу 65 илјади луѓе се дијагностицирани со не-Хоџкинсова лимфома секоја година.

XS
SM
MD
LG