Линкови за пристапност

Деветти ден на судењето на продемократската лидерка на Бурма Ан Сан Су Чи


Шеесет и тригодишната добитничка на Нобеловата награда за мир во 1991-та, 13 од последните 19 години во затвор ги мина во домашен притвор во градот Рангун.

Со реакција по најновите настани поврзани со Ан Сан Су Чи се огласи и Белата куќа. Во соопштение од кабинетот на претседателот Барак Обама се осудува натамошниот притвор на Су Чи, а бурманската воена хунта се повикува да ја ослободи итно и безусловно. Обама изјави и дека актуелното судење е „постапка за привлекување на вниманието базирана на неосновани обвиненија“.

Властите вчера ја укинаа најновата наредба за домашен притвор, меѓутоа Су Чи сега се наоѓа во затворот Инсеин, откако на 14-ти мај беше уапсена поради обвиненија дека ги прекршила условите за домашен притвор. Таа му обезбедила засолниште на Американец кој неочекувано утрото на 4-ти мај пристигнал во нејзината куќа со пливање. Џон Јетав заминал наредниот ден. Су Чи на судењето призна дека веднаш не ги информирала бурмиските власти за упадот на Јетав. Тој во Бурма престојувал на туристичка виза и изјавил дека сонувал оти врз опозиционата лидерка ќе биде извршен атентат и во Бурма допатувал за да ја предупреди.

Доколку биде осудена, Су Чи се соочува со казна затвор од пет години. Критиката на бурманските воени лидери вели дека тие ја користат актуелната судска постапка како изговор Су Чи да се држи во притвор за да не се кандидира на изборите закажани за наредната година.

Нејзината Национална лига за демократија ги доби изборите во 1990, но воената хунта одби да замине од власт.

XS
SM
MD
LG