Линкови за пристапност

Републиканците ветуваат темелен распит за потврдување на Сотомајор


Опозиционите Републиканци најавија темелен распит во Сенатот за потврдување на номинацијата на претседателот Обама за нов судија во Врховниот суд, Соња Сотомајор.

Следен чекор во процесот на потврдување за судијата Сотомајор е подготовка за јавни распити пред сенатската комисија за правосудство во текот на наредните неколку месеци.

Висок Републиканец од комитетот, сенаторот Џеф Сешонс од Алабама, за програмата „Тудеј“ на Ен-Би-Си рече дека ќе инсистира на сериозно разгледување на нејзината досегашна работа и правосудна филозофија.

Сенаторите велат дека Републиканците ќе бараат индикации за тоа дали Сотомајор вметнува лични гледишта во нејзините судски одлуки:

Сенаторот Сешонс вели дека лицето што ќе биде избрано за Врховниот суд треба да биде верно на правото и да не дозволи личните верувања да влијаат на одлуките што ги донесува. Тој ова го смета за фундаментално прашање во американското право.

Сенаторите се очекува да ја испрашуваат Сотомајор за забелешката кажана на правен форум во 2001-ва, кога говорела за улогата на федералните судии и апелационите судови. Таа тогаш рекла: „Во апелационите судови се креира политика и знам дека ова се снима и не би смеела да го речам тоа, зашто ние не правиме закони. Јас тоа не го промовирам, ниту пак се залагам за тоа.“

Ова нејзино гледиште покрена загриженост меѓу Републиканците кои веруваат дека судиите треба да носат одлуки базирани на закони, и на законски преседан, а не врз основа на лични политички погледи.

Конзервативните активисти веќе се приклонуваат на линијата против номинацијата на Сотомајор. Брус Хауснехт е од групата „Фокус на семејството“. Тој е загрижен за тоа дали Сотомајор ја разбира улогата на судија, особено што овде се работи за доживотен избор на највисоката судска инстанца.

Демократите остануваат убедени дека Сотомајор ќе биде потврдена на функцијата, најмногу поради фактот дека имаат контрола на скоро 60 од 100-те места во Сенатот:

Демократскиот сенатор Чарлс Шумер од Њујорк исто така се појави на телевизијата Ен-Би-Си. Тој рече дека според нејзиниот професионален учинок, таа треба да биде поддржана, зашто е умерена и како што кажа – „одлична“.

Политичките аналитичари истакнуваат дека Републиканците може да се воздржат од блокирање на номинацијата поради стравувањата дека со тоа ќе ги навредат Латиноамериканците, кои претставуваат една од најбрзо растечките групи гласачи во земјата.

Претседателот Обама го повика Сенатот да ја потврди Сотомајор до август така што би можела да го почне мандатот со Врховниот суд во октомври. Сотомајор е номинирана да го пополни испразнетото место на судијата Дејвид Саутер, кој најави пензионирање.

XS
SM
MD
LG