Ал-Каида активно планира да ги нападне САД, кажа американскиот претседател Барак Обама во говор во Вашингтон за својата политика на национална безбедност, подвлекувајќи дека негова најважна одговорност е безбедноста на Американците. Меѓу мерките, за кои кажа дека некои веќе биле преземени, тој го наведе обезбедувањето неопходни средства за борба против екстремистите во Авганистан и Пакистан и запирањето на ширењето на нуклеарно оружје, како и обновената дипломатска улога на САД.
Говорот уследи еден ден откако Сенатот го отфрли неговото барање за 80 милиони долари за затворање на притворниот центар за осомничени терористи Гвантанамо на Куба. Демократските сенатори – сопартијци на Обама кои гласаа против, рекоа дека тој не кажал каде планира да ги смести притворениците.
Директорот на ФБИ Роберт Мулен на сведочењето пред конгресната комисија рече дека ризик е дури и ако приведените се држат во затвори под силно обезбедување.
Меѓу оние кои го критикуваат претседателот Обама е и поранешниот потпретседател Дик Чејни, кој играше главна улога во креирањето анти-терористички политики во претходната администрација на чело со Џорџ Буш.