Тим научници од САД и Русија заклучи дека планираниот американски штит за противракетна одбрана чија цел е да ја заштити Европа од можен ракетен напад од страна на Иран, не би бил ефикасен.
Заклучоците на тимот составен од шест истакнати технички експерти од обете земји беа објавени денеска во извештај на институтот „Ист Вест“, независна истражувачка група.
Во извештајот се наведува дека според експертите, системот за противракетна одбрана предложен од САД, нема капацитет да пресретне ирански проектили и оти лесно може да биде измамен со трикови и други едноставни контра мерки.
Научниците додаваат дека на Техеран му се потребни најмалку шест години од производство на нуклеарна боева глава и проектил со долг домет способен да достигне до европска територија.
Идејата за инсталирање на систем за противракетна одбрана беше на поранешниот претседател Џорџ Буш, но предлогот ги разлути руските лидери, кои тврдат дека тој ќе значи подривање на стратешката стабилност и ќе поттикне нова трка во вооружувањето.