Линкови за пристапност

Претседателот бара реформа за кредитните карти


Американскиот претседател Барак Обама бара од Конгресот да усвои легислатива што ќе ја реформира американската индустрија за кредитни карти со цел да се заштитат корисниците.

На собир во сојузната држава Ново Мексико Обама кажа дека е време за реформа што ќе се темели на транспарентност и меѓусебна одговорност.

Тој рече дека компаниите за кредитни карти често ги користат луѓето со тоа што поставуваат неочекувано повисоки каматни стапки, казни што не се фер и скриени давачки. Тој рече дека некои од постапките не се чесни.

Претседателот вели дека конзументите не треба да се грижат дека со потпишување на договор за кредитна карта се откажуваат од сите свои права. Тој вели дека Американците треба исто така да бидат во можност да ги видат условите на договорот за кредитна карта на јасен, разбирлив јазик.

Претседателот Обама ги поттикна законодавците да ја подготват легислативата за реформа на кредитните карти до празникот Ден на сеќавањето, што паѓа на 25 мај, кога тој би ја потпишал.

Претставничкиот дом усвои своја верзија пред две недели. Сенатот во моментов расправа на својата.

Обама минатиот месец се сретна со претставници на компаниите за кредитни карти на кои им даде еден месец да разговараат за предложената реформа. Тој притоа се согласи со компаниите дека потрошувачите треба да го преземат својот дел од одговорноста и да ги плаќаат сметките навремено.

XS
SM
MD
LG