На конференција за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската унија што се одржа во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон, а на која учествуваа експерти од повеќе балкански земји, беше нагласена потребата од координирана стратегија меѓу ЕУ, САД и меѓународната заедница за успех на регионот.
Регата, а не конвој - тоа е патот кон ЕУ за сите балкански држави.Европеизацијата е неопходна за регионот и Европа треба да дојде во Западниот Балкан, а не обратно, заклучија неколку европски и американски експерти кои дискутираа за проширување на европското семејство.
Три главни проблеми во правец на проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан се институционалните пречки во самата Унија, глобалната финансиска криза и билатералните проблеми меѓу земјите, смета Отон Анастасакис од Универзитетот Оксфорд.
„Во Европа е распространето чувството на амбивалентност, што им дозволува на билатералните спорови да го запрат процесот на проширување“, рече Анастасакис.
Предочувајќи дека балканските земји напредуваат кон ЕУ со различна брзина, општ став на конферецијата во Вашингтон беше дека засега е нејасно дали Брисел ќе застапува индивидуален или регионален пристап за интеграција на регионот.
Одговорноста за забавување на процесот на проширување може да се префрли и на земјите од Западниот Балкан, кои не се во можност да ги исполнат неопходните критериуми на Брисел. Сепак, Милица Увалиќ, професор на Универзитетот во Перуџа вели дека и ЕУ ги подигнала критериумите по влезот на Романија и Бугарија во 2007-ма.
Како да се забрза интеграцијата на регионот? Учесниците нагласија дека решението епреку силен поттик – укинување на визниот режим за сите, а не само за Хрватска, како и можноста сите да добијат статус на кандидати и да им бидат постапни пристапните фондови на ЕУ.
Ислам Јусуфи, поранешен советник за национална безбедност во Кабинетот на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски и учесник на конференцијата, за Гласот на Америка на македонски изјави дека Македонија има реални шанси до крајот на годината да добие визна либерализација од ЕУ.
„Македонија има направено многу. Македонија е земја-кандидат и очекува да добие датум за преговори. Добивањето датум за преговори е важен чекор на патот на Македонија кон ЕУ. Македонија е на добар пат, но останува да успее да ги „продаде“ нејзините досегашни успеси и ако има недостатоци, тие да се надоместат од страна на оваа или идните влади.
Дали спорот со името се наметнува како пречка за евро-интеграцијата на Македонија?
“Мислам дека Грција историски ја има промовирана европската перспектива на Балканот. Тоа беше манифестирано и на солунскиот самит во 2003-та. Грција е еден од најголемите инвеститори во Македонија. Проблемот со името има потенцијал да се надмине со добра волја и јас сум оптимист дека Грција нема да го искористи правото на вето за почеток на преговорите со Унијата.
Како постигнувања во перидот по 2000-та, соговорниците истакнаа дека е подобрена регионална соработка, дека политичкиот приоритет за сите балкански држави е влезот во ЕУ, како и дека има голема поддршка за европската интеграција во речиси сите земји во регионот.
На прашање за политичките и социјални последици доколку Западниот Балкан биде оставен надвор од ЕУ и во следната деценија, учесниците наведоа дека ако условите продолжат да се влошуваат, националистичките духови ќе воскреснат и ЕУ тогаш ќе има поголема работа во регионот, а тоа значи одделување поголеми финансиски средства и поголем политички ангажман.