Линкови за пристапност

Кренато нивото на претпазливост за пандемија од свински грип


Светската здравствена организација го крена нивото на претпазливост за пандемија од смртоносниот вирус на свински грип, сигнализирајќи дека инфекцијата се шири меѓу луѓето на ниво на заедници. Во меѓувреме бројот на смртни случаи во Мексико, каде болеста за прв пат се појави, расте.

Претставниците за здравство во Мексико доцна во понеделникот соопштија дека се верува оти 152 лица умреле од свински грип, додека 1600 други се разболени. Новите цифри дојдоа само неколку часа откако СЗО го крена нивото на претпазливост за еден степен (сега е фазата 4, два степени под целосна пандемија).

Но, висок претставник на СЗО вели дека настапувањето на пандемија не се очекува со сигурност.

САД велат дека постапуваат како да болеста ќе прерасне во целосна пандемија. Најмалку 44 лица се потврдени во САД, вклучувајќи 11 во Калифорнија. Гувернерот Арнолд Шварценегер вели дека многу од потврдените случаи се во Сан Диего и општините Империал по должина на јужната граница со Мексико.

Израелските здравствени претставници велат дека 26-годишен човек, кој неодамна се вратил од Мексико покажал позитевен резултат на тестовите за свински грип, со што станал првиот случај во земјата на заболен од овој вирус.

Други држави каде е потврден вирусот се Британија, Канада, Нов Зеланд и Шпанија, додека Австралија, Јужна Кореја и Франција ги истражуваат осомничените случаи на свински грип.

XS
SM
MD
LG