Владите на Авганистан и Пакистан ја поздравуваат новата стратегија на американскиот претседател Барак Обама за стабилизација на овие земји.
Портпарол на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи изјави дека неговата влада пофално се изјаснила за содржината на планот, што вклучува распоредување на илјадници дополнителни американски трупи во Авганистан кои би ги обучувале авганистанските војници.
Владиниот портпарол додаде дека Авганистан изразува почит на согледувањето на американскиот претседател дека заканата од Ал Каида доаѓа главно од соседен Пакистан. Претседателот Карзаи по ова прашање утре се очекува да одржи прес-конференција.
Пакистанскиот премиер Јусуф Џилани пак, изјави дека нема да се дозволи пакистанската територија да се користи за терористички активности, што се изведувани од, како што рече, „малцинството екстремисти.“
Пакистанските државни медиуми јавуваат дека пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари е задоволен од новите иницијативи на Обама за зајакнување на дипломатијата спрема оваа земја и најавената годишна помош за Пакистан во висина од 1,5 милијарди долари, што би била доставувана во наредните пет години.