Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Љубомир Фрчкоски


"Се одлучив да се кандидирам зашто за првпат сум загрижен каде се движи државата, од најмалку две причини: надворешна изолација и внатрешна диктаторско-авторитарна структура на власта", изјави за време на кампањата 51-годишниот професор на Правниот факултет во Скопје, Љубомир Данаилов Фрчковски, кандидат на СДСМ и на НСДП. Тој е перманентно присутен на политичката сцена по осамостојувањето на Македонија: како релативно млад професор беше еден од пишувачите на Уставот на самостојна Македонија, беше и министер без ресор, а потоа во владите на Бранко Црвенковски беше минисрер за внатрешни и за надворешни работи. Како советник на покојниот претседател Борис Трајковски, активно учествуваше во подготовките на Рамковниот договор од Охрид, по судирите во 2001-та и во уставните промени.

По разминувањето со Црвенковски и со СДСМ, покрај професурата, неколку години беше колумнист во весникот „Дневник".

Глас на Америка на македонски: Дали и како, според Вас, со прифаќањето на географска одредница, може да се реши спорот со Грција околу името, а притоа да се избегне негирање на македонскиот идентитет и преименување на јазикот?

Љубомир Фрчкоски: Да ве потсетам - такво решение ние веќе имавме по Букурешт, во октомври-ноември, по осмиот предлог на Нимиц. Беше создадена една атмосфера, чувство на „грижа на совест" кон Македонија за ова што и` се случи во Букурешт, за неправдата која и` беше нанесена, и имаше решение кое содржеше гаранции за македонскиот идентитет и јазик, и, од друга страна, обид да се идентификува име за меѓународна употреба кое ќе го замени акронимот FYROM (БЈРМ). Тоа беше концепт што Владата воопшто не го зема во разгледување, бидејќи го растури процесот на преговори, се налути како да се тоа лични односи, и ја испушти можеби најдобрата прилика тоа да го заврши и ние денес да бидеме во НАТО. Сега, кога повторно ќе го отворам тој проблем ако станам претседател, ќе биде од потешки позиции отколку што беа претходните, кога беше администрацијата на Буш. Ќе треба нановода направиме консултации со нашите стратешки партнери и пријатели, за да видиме дали ја имаме онаа позиција која Македониа ја имаше кај нив, бидејќи се случи промена. Тие ја баталија Владата, конкретно. Второ, треба повторно да се отворат преговорите вистински, да не се чека до јуни на првиот состанок на така замрзнатите преговори. Отворањето треба да биде враќањето на концептот од октомври-ноември, барање на гаранции за македонскиот индентитет, јазик и име на нацијата како - македонски. Дали тоа ќе биде во директниот документ кој ќе биде потпишан со Грција или во посебна резолуција на СБ на ОН, тоа е дипломатско решение, да не навлегувам сега во тие опции, но такво решение имаше уште тогаш. И, треба да се дефинира кое е тоа име со географска одредница, затоа што има неколку предлози, и сепак тука има елемент на преговарање.

Глас на Америка на македонски: Колку сте оптимист во поглед на иднината на Македонија?

Љубомир Фрчкоски: Јас сум оптимист за мајка Македонија - секогаш. Македонија успеа да ги совлада најтешките моменти. Македонија сега само доживува една лоша популистичка власт како екцес овие три години. Мислам дека таа власт ќе почне да се руши оваа година. Почетокот на тоа рушење треба да биде нивниот пораз на претседателските избори. Македонија не може да издржи ваква влада која ја турка во изолација, со концепт да подели се` внатре во земјата, да воспостави едноумие и целосна контрола, па потоа да расправа за било каква иднина. Тоа е нивниот концепт кој станува се` повеќе и повеќе јасен и очигледен. Од друга страна, авторитарноста и едноумието се концетрираат во ликот на премиерот, се` друго станува инструмент или лост на извршување на таа едноцентрична власт. Мислам дека ќе бидеме во голем проблем ако таа се заокружи и со грабнувањето на претседателската функција. Мислам дека тоа нема да се случи и дека на Македонија ќе и` се отвори перспектива да се врати на своите меѓународни позиции. Ние бевме земја за пример, а не за чудење како денес. Мислам дека Македонија ќе ги врати своите клучни стратешки партнери како основа за нејзината интегрираност - и внатрешна и надворешна, и за нејзината обезбедност во рамките на НАТО - за навека. Тоа е нашиот концепт кој мислам дека ќе победи.

XS
SM
MD
LG