Линкови за пристапност

Дали владиниот пакет за обнова на американската економија ќе биде доволен? 


Со усвојувањето на пакетот за обнова на американската економија од страна на Конгресот, претседателот Обама ја обезбеди својата прва главна политичка победа. Тој утре треба да стави потпис на мерката вредна 787 милијарди долари, со што ќе стане закон. Иако голем број економисти велат дека пакетот е потребен за заживување на економијата, дел од нив се прашуваат - дали ќе биде доволен?

Економските советници на претседателот Обама најавуваат дека пакетот би требало да обезбеди или спаси околу 4 милиони работни места. Но главниот економист на компанијата „Moody's Economy.com" Марк Занди проценува дека тој ќе создаде само околу 2,2 милиони работни места до 2010-та година, а нивото на невработеност и натаму ќе остане близу 10 проценти. Во интервјуто за Фокс, Занди коментираше дека стимулативниот пакет е добра идеја, но дека нема да биде доволен за решавање на проблемот.

-Значителен, но не и доволен. Економијата е во мошне тешка ситуација. Проблемите налагаат усвојување на поголем пакет помош. За една година повторно ќе говориме за нов стимулативен план, вели Занди.

Во интервју за Ен-Би-Си, вишиот советник во Белата куќа Дејвид Акселрод се согласи дека има различни мислења меѓу економистите по прашањето, но тој верува дека владинаата проценка е точна.

-Сметаме дека мерката ќе има повеќекратно дејство и дека на крајот ќе се исплати, дека работите ќе тргнат во спротивна насока и ќе излеземе од оваа рецесија. Сметаме дека планот е онаков каков што треба да биде и одиме понатаму.

Освен со невработеноста, администрацијата на Обама се соочува и со проблемот во кој многу сопственици на домови губат или се во опасност да загубат покрив над главата поради неисплаќање на кредитите, а банките се` поретко даваат пари на заем. Минатиот вторник, секретарот за финансии Тимоти Гајтнер изложи друг владин план во висина од еден трилион долари, насочен на имотите голтнати од хипотека и лошото влијание што таквата проблематична актива го има врз економијата. Финансискиот центар на Вол Стрит реагираше негативно на најавата, а многу инвеститори велат дека на планот му недостасуваат поединости.

Извршниот директор на Гугл Ерик Шмит смета дека владата треба да обрне внимание на замрзнатите кредитни пазари и се` поголемиот број на лица кои остануваат без домови, што е можно побрзо.

-Бизнис заедницата бара итна акција. Потрошувачите не се чувствуваат комотно, луѓето се загрижени за своите работни места. Владата некако треба да го реши проблемот со домовите одземени под хипотека, кредитниот проблем, и, како средство во крајна нужда, да биде финансиер што ќе помогне работите повторно да започнат да се движат напред. Луѓето не можат да најдат работа и да купуваат без кредити. Затоа ова треба да биде приоритет на владата во наредните неколку недели, вели Шмит.

И Шмит и Занди сметаат дека колку подобро владата објасни како ќе се справи со проблемот со имотите одземени под хипотека и проблематичните станбени кредити, толку поголема ќе биде довербата на финансиските пазари.

XS
SM
MD
LG