Линкови за пристапност

Двесте години по раѓањето, Линколн останува инспирација


ДенесАмериканците одбележуваат 200 години од раѓањето на 16-от претседател на САД, Абрахам Линколн. Комеморацијата започна со организирање настани и специјални изложби во чест на Линколн, човекот кој очигледно и натаму претставува инспирација за многумина.

Кога Барак Обама положи заклетва на функцијата и стана 44-от американски претседател, тоа го стори токму со библијата со која Абрахам Линколн положи заклетва на претседателската функција пред речиси 150 години.

Обама и својата кандидатура ја обелодени во родниот град на Линколн, Спрингфилд, сојузната држава Илиноис.

Во знак на почит на 16-от претседател на САД, Барак Обама ги позајми неговите зборови во победничкиот говор по претседателските избори одржани на 4-ти ноември:

„Владата на народот, од народот и за народот не изчезнува од земјата. Ова е ваша победа.“

Постои и причина зошто Обама одбрал да направи паралела со Линколн, според Хари Рубинстаин, кустос во Националниот музеј на американската историја во Вашингтон. „Кога помислуваме на Абрахам Линколн, мислиме на реализирање на американскиот сон“, вели тој.

Животот на Линколн е збир на митови – роден во мала доградба, самоук, на крајот станува претседател на САД. Тој ја предводи земјата за време на Граѓанската војна – една од најголемите кризи во Америка, успевајќи да го одржи единството и да стави крај на ропството. Врз Абрахам Линколн бил извршен атентат, додека следел театарска претстава.

„Линколн ќе биде запаметен како еден од нашите највлијателни претседатели. Тоа е поради начинот на кој се справува со кризните ситуации. Тој е прагматичар со силни идеали. Сметам дека Линколн фрла сенка на секој кој го наследил“, вели Рубинстаин.

На изложбата во Музејот на американската историја посветен на животот на Абрахам Линколн, се вклучени и предмети користени од него, како метална секира за дрва, чаша од која пиел, а тука е и шапката што ја носел вечерта кога бил убиен. Идејата била да се открие хуманата страна на Линколн.

Историчарот Дејвид Вард вели дека тоа е предизвик:

„За Линколн, како и за Наполеон Бонапарта постојат многу повеќе биографски податоци, споредено со кој било друг политички лидер. Мислам дека безбројните книги посветени на животот и делото на Линколн покажуваат дека не само што сакаме да дознаеме нешто повеќе за него, туку и никогаш не сме имале прилика да допреме до него“.

Варде кустос на егзибицијата насловена „Еден живот – Маската на Линколн во Националната галерија на портрети. Во изложбата се опфатени две животни маски на Линколн – во 1860, пред да се кандидара за претседател и во 1865, кусо време пред да биде убиен.

На изложбата преовладуваат негови фотографии:

„Линколн навистина бил првиот медиумски наклонет претседател, ако воопшто можете да го употребите зборот медиум за периодот од 1840-те и 50 години. Секогаш кога имал големи и важни обраќања до јавноста, бил фотографиран. Мислам дека целта е да претстави имиџ за тоа каков маж, каков лидер сакал да биде“, вели Вард.

Меѓу последните фотографии од него е онаа од февруари 1865 година.

„Овде сме на крајот на војната. Не можеме да претпоставиме дека ќе биде убиен. Постои чувство на смртност, но присутно е и чувство на живот кој продолжува. Линколн знаел дека ја исполнил својата мисија да го спаси единството на земјата, да стави крај на ропството и да им даде поголеми права на Афро-Американците. Мислам дека би му значело многу доколку знае дека актуелниот претседател на САД е токму од афро-американско потекло“, додава историчарот.

XS
SM
MD
LG