Линкови за пристапност

Јолевски: Не стана збор за суштински прашања, туку за продолжување на преговорите


Интервју на македонскиот преговарач Зоран Јолевски за Гласот на Америка на македонски по завршувањето на последната рунда преговори во Њујорк.

Глас на Америка на македонски: Што е најново од последната рунда преговори?

Зоран Јолевски: На состанокот го пренесов ставот на Република Македонија дека би сакала да се најде решение што е побрзо околу разликите за името со Грција, со цел да се обезбеди интегрирање на Македонија во НАТО и ЕУ, иако според Времената спогодба од 1995-та година, ова не би требало да биде пречка.

Но, за да се постигне ова, потребна е спремност и компромис од страна на Грција.

Исто пренесов дека во овој процес е потребно да се заштити интегритетот и достоинството на македонските граѓани кои се посветија на реформите и со постојаното ниво на демократија ги исполнија условите да добијат покана за членство во НАТО.

Глас на Америка на македонски: Со каква позиција настапивте на преговорите?

Зоран Јолевски: На оваа средба не беше отворен последниот предлог на амбасадорот Нимиц, така што не се преговараше за суштински прашања, туку за продолжување на преговорите и начинот како ќе се продолжат. На средбата во Њујорк стана збор и за создавање на добра атмосфера меѓу двете држави, со цел полесно да се најде решение.

Глас на Америка на македонски: Колку време траеше средбата во Њујорк?

Зоран Јолевски: Средбата во канцеларијата на посредникот Метју Нимиц во Њујорк траеше еден час и 40 минути.

Глас на Америка на македонски: Како ја оценувате Вашата прва средба со грчкиот преговарач Василакис?

Зоран Јолевски: Средбата ги постигна зацртаните цели. Се разбира дека ова е процес што ќе потрае, но да се надеваме дека ќе се најде решение на взаемно задоволство на двете страни, при што е неопходно, како што споменав и истакнав на средбата, да се заштити интегритетот и достоинството на македонските граѓани.

Глас на Америка на македонски: Дали амбасадорот Нимиц најави планови за следна средба или дополнително ќе ве информира?

Зоран Јолевски: Дополнително ќе не` информира. Имајќи предвид дека и во Република Македонија и во Грција следуваат избори – во Грција избори за Европскиот парламент, а во Македонија претседателски и локални.

Глас на Америка на македонски: Значи, следната средба се очекува по изборите во Македонија и во Грција?

Зоран Јолевски: Датумот не е дефиниран, но тоа е реалната состојба.

XS
SM
MD
LG