Линкови за пристапност

Драматичен пораст на жртви од предозираност со лекови во САД


На 22-ри јануари беше одбележаната првата годишнина од смртта на Хит Лиџер во Њујорк од предозираност со лекови што се добиваат на рецепт. Според Светската здравствена организација, најмалку 15 милиони луѓе во светот страдаат од пореметувања заради лоша употреба на лекови. Експерти велат дека во САД цифрата смртни случаи од предозираност со вакви лекови значително се зголемила.

Во 2008-ма, медицински вештак од Њујорк утврди дека смртта на Хит Лиџер е резултат на акутно труење од комбинирани ефекти од Oксикодон, Хидрокодон и други лекови. Аутопсијата заклучи дека Лиџер починал од акумулација на лекови со тек на време.

Лековите како Оксикодон, кои се продаваат во САД под марката ОксиКонтин и Хидрокодрон, честопати се препишуваат како лекови против болки.

Но, тие беа поврзани со драматично зголемување на бројот на жртви од предозираност во САД.

Истражувачите од Американскиот центар за контрола и превенција на болести го анализирале овој тренд во сојузната држава Западна Вирџинија:

Доктор Лонард Полози од Центарот вели дека Западна Вирџинија е одбрана затоа што има највисока стапка на случаи со предозираност и неодамна таа држава имала нагло зголемување на тој процент.

Во студијата биле опфатени смртни случаи на близу 300 лица во Западна Вирџинија во 2006-та.

Повеќето од жртвите биле мажи на возраст од 18 до 54 години. Повеќето од нив живееле во сиромашни рурални делови од државата. Многу од нив имале минато со зголемено конзумирање на алкохол и лекови.

Истражувачите велат дека мнозинството од починатите, до лековите дошле по илегален пат или од повеќе лекари.

Доктор Полози објаснува: „Посетувале повеќе лекари, петмина или повеќе во изминатата година, и се обидувале да издејствуваат колку е можно повеќе лекови да им бидат препишани."

Доктор Полози вели дека студијата препорачува советувања од лекарите и фармацевтите пред да ги издадат рецептите.

Лекарите треба да ги едуцираат пациентите за ризиците, вели тој, а пациентите треба да се свесни за ризиците и да не ги делат лековите со пријатели или роднини.

Студијата е објавена во журналот на американската медицинска асоцијација.


XS
SM
MD
LG