На моменти носталгично, на моменти дефанзивно, Џорџ Буш говореше за прашања со кои се соочил како претседател, како и за предизвиците кои стојат исправени пред Барак Обама. „Навистина искрено му посакувам се најдобро“, рече тој.
Спречување на друг терористички напад ќе биде најголем предизивк со кој ќе се соочи идниот врховен командант, кажа Буш:„Најглавната закана со која ќе се соочи и сите други претседатели по него, е напад врз нашата татковина“.
Буш беше прашан за неговото годишно обраќање до нацијата во 2002-та, кога Иран, Ирак и Северна Кореја ги нарече „оски на злото“.
Тој рече: „Иран останува опасен, а Северна Кореја се уште е проблем“. Но, тој посочи на напредокот во Ирак, истакнувајќи дека неговата одлука да испрати дополнителни војници помогнала да се смени правецот на војната. Тој призна дека младата ирачка демократија се уште е кревка:
„Прашањето е дали на долг рок оваа демократија ќе преживее и тоа ќе биде предизвик за идните претседатели“.
Буш ја бранеше спроведуваната политика на Блискиот исток. Запрашан дали мисли дека израелскиот напад врз Газа може да прекине до денот на инаугурацијата на новиот претседател, тој рече не знае, но дека милитантите на Хамас мора да ги запрат ракетните напади од Газа врз Израел.
„Нема да има одржлив прекин на огнот ако продолжат со ракетирање. Верувам дека изборот треба да го направи Хамас.
Буш рече дека не е загрижен за критикувањето на неговата политика и жестоко негираше дека кредибилитетот на Америка е оштетен за време на неговите осум години претседателствување. Кажа дека не смета оти е виновен за состојбата во која се наоѓа домашната економија:
„Наследив рецесија и заминувам од функцијата со рецесија. Во меѓувреме имаше 52 месеци од непрекинат растеж на нови работни места“
Претседателот Буш рече дека дискутирал за економската ситуација со новоизбраниот претседател. Рече дека ќе биде во првите редови да го проследи историскиот момент, кога првиот Афро-Американец ќе стане претседател на САД.
Согласно традицијата, претседателот Буш ќе замине од Капитол Хил веднаш по церемонијата на положување заклетва. Хелукоптер ќе го однесе дома, во сојузната држава Тексас.