Ова беше собир на кој беа претресени главните надворешно-политички предизвици за новата администрација, но и можностите кои се отвораат на почетокот на новата ера со доаѓањето на Барак Обама на претседателската функција.
Конференцијата насловена „Предавање на палката“ донесе водечки експерти за надворешна политика и голема двопартиска група на сегашни и поранешни високи политички претставници, да ги изнесат своите гледишта за приоритетите на државата, како и да сугерираат идеи за нивно реализирање.
Држави кои сега, а сигурно и во наредните години ќе го окупираат вниманието на САД и на светот ќе бидат Ирак, Иран, Авганистан и Пакистан. Има повеќе сугестии за тоа како да се постапи со овие отворени прашања.
За Збигњев Бжежински, од Школата за напредни меѓународни стуудии при Џонс Хопкинс Универзитетот најприфатлив е регионален пристап, наспроти поединечниот што до сега се практикуваше. Бжежински вели – воена солуција не е опција – решението е политичко. Во тој контекст, тој не гледа пречка за вклучување на елементи од Талебан во тие разговори, зашто, објаснува, Талебан немаше ништо со 11 септември 2001.
За Медлин Олбрајт, поранешен државен секретар на САД и сега лидер на ГрупатаОлбрајт, глобална стратешка фирма, топ на агендата на САД треба да биде спречување на геноцид во светот. Таа рече дека е клучно да има способност да се препознаат искрите на геноцид кои доаѓаат во различни форми. Но Америка не може да спречи геноцид, ако самата страда од криза на идентитетот, рече Олбрајт, додавајќи – затоа однапред се радувам на 20 јануари, денот на инаугурација на Обама на функцијата претседател.
Генералот Антони Зини со Олбрајт веќе подолго време работи на истата кауза. Тој предлага тежиштето при тоа да се стави на локалните институции, организации и заедници, зашто се покажало дека нивниот притисок е поефикасен од сила однадвор.
Мувафак Ал-Рубаи од Ирак беше додаден на листата говорници за да се осврне на ситуацијата во таа земја што е и најголем надворешно-политички ангажман на САД. Тој вака сумираше: „Ерата на Буш беше ослободување и безбедност на Ирак. Јас сум овде да кажам големо благодарам за тоа. Но ерата на Обама треба да биде повеќе стратешко партнерство со Ирак“.
Ен-Мари Слотер, декан на Школата Вудроу Вилсон за јавни и меѓународни прашања кажа дека САД во моментов имаат повеќе потенцијална, отколку актуелна предност во светот. Земјата има голема работа пред себе, да се извлече од дупката во која се закопа дома и во странство, но со добра имиграциона и образовна реформа, со воспоставување на економска и општествена еднаквост, шансите за враќање на врвот, вели таа, се големи.
Ричард Армитаџ, поранешен помошник државен секретар, на истиот панел кажа дека целите на САД не се изместени, тие се исправни, но начинот на кој до нив се сакало да се постигнат бил погрешен.