Линкови за пристапност

Интервју:  Зоран Коњановски, министер за одбрана на РМ


Првиот човек на македонската одбрана во интервјуто за Гласот на Америка говори за средбите во Вашингтон во рамки на Билатералните одбрамбени консултации, можноста Македонија да испрати повеќе војници во Авганистан, како и членството во НАТО во контекст на спорот околу името.

Глас на Америка на македонски: Во Вашингтон сте во рамки на Билателарните одбрамбени консултации меѓу Република Македонија и САД. Кога би резимирале во реченица-две, која е основната порака од вашите американски соговорници?

Зоран Коњановски: На денешната работна сесија прв зеде збор помошникот на секретарот за одбрана Роберт Гејтс. Работната сесија ја отвори со зборовите – Америка е вашиот најголем пријател и подржувач. Сесијата ја започнавме за да направиме евалуација на нашите односи со САД и се` она што го направивме во изминатава година, затоа што беа зацртани одредени активности што требаше да ги направиме. Во исто време, работевме на изготвување на планот за идната соработка меѓу Македонија и САД за 2009-та година. Анализиравме од повеќе аспекти: како оди напредокот на реформите на Армијата на Република Македонија, каква е регионалната стабилност и стабилноста на земјите во Балканот во овој момент, и можностите како заеднички да бидеме многу поефикасни во сочувување на глобалниот поредок, мир и борбата против тероризмот.

Она што заедно го зацртавме со коалиционите партнери и со САД – го привршивме. Пред два дена, нашите војници си дојдоа во РМ од Ирак. Исто така, разговаравме за тоа кои се нашите планови за Авганистан - како би можеле заедно со САД и со останатите партнери да учествуваме во 2009-тата и 2010-тата година. Конкретно, имаше и понуди од нашата братска држава Вермонт и од армијата на Вермонт, која е силен поддржувач на АРМ, за заеднички настап во 2010-та и 2011-та година во рамките на програмата Феликс. Носител на тоа се САД.


Глас на Америка на македонски: Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс деновиве најави дека Вашингтон планира да испрати две дополнителни борбени бригади во Авганистан. Вие вчера по средбата со заменикот секретар за одбрана Гордон Инглад рековте дека сте разговарале за зголемување на македонското присуство во Авганистан. Имате ли некои конкретни бројки? Каква би била мисијата на македонските војници – борбена, или пак како поддршка?

Зоран Коњановски: Нашите сојузници најпрвин се заблагодарија за се` она што го правиме затоа што припадниците на АРМ се рамо до рамо со сите останати во НАТО. Во секој случај, ги кажаа заложбите дека би било добро доколку можеме да ги зголемиме и нашите капацитети во Авганистан во иднина. Јас во овој момент кажав дека околу 3,8 % од АРМ во моментов е распоредена надвор од територијата на РМ, што е навистина бројка за респект со оглед на можностите, затоа што голем дел од земјите-членки на НАТО го немаат тој процент на распореденост на војници надвор од нивната територија. Нормално, доколку бидеме во можност тоа да го направиме, ние ќе ги анализираме сите состојби за да погледнеме колку подготвени единици имаме и дали ќе бидеме во можност да одговориме на новите предизвици. Значи, би излегле во пресрет на барањата на нашите партнери и пријатели.


Глас на Америка на македонски: Според медиуамските извештаи, на средбата во Стејт департментот со помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Даниел Фрид, тојизразил жалење што администрацијата на претседателот Џорџ Буш не успеала да издејствува признавање на Македонија во НАТО и најавил дека новата американска влада ќе ја продолжи сегашната политика кон Македонија. САД даваат силна поддршка за членство во НАТО, но НАТО предочува дека услов за прием е решавање на проблемот со името. Дали од американска страна ви беше кажано што има намера да направи новата администрација во однос на поттикнување на решение?

Зоран Коњановски: Нашиот пријател Даниел Фрид, кој толку многу се залагаше да се реши овој проблем кој го наметна нашиот јужен сосед, навистина изрази жалење затоа што не успеа Македонија на Самитот во Букурешт да стане полноправна членка, без разлика што ги исполни сите реформи. Тој е добар познавач на Балканот, на сите прилики околу Македонија. Единствено што на таа средба можеше, вака – од душа да го каже е дека САД ќе продолжат во континуитет да даваат поддршка на РМ. Јас се заблагодарив за таквиот начин на размислување затоа што знаеме дека САД имаат принципиелна политика кон Република Македонија уште од признавањето. Ние мислиме и понатаму блиску да соработуваме со САД. Од друга страна, со оглед на тоа дека уште од пред две недели го имаме новиот преговарач – амбасадорот во САД Зоран Јолевски, тоа покажува колку сме свесни дека треба да ги продолжиме тие преговори за изнаоѓање на заемно, фер, прифатливо име. За тоа да се случи, морам да потенцирам дека треба да има обостран интерес. Од наша страна, сакаме да има можности за продолжување на тие преговори, и, зошто да не – да се интензивираат.


Глас на Америка на македонски: Како е реакцијата од американската страна на жалбата што Македонија ја поднесе во Меѓународниот суд за правда против Грција? Дали тие сметаат дека тоа може негативно да се одрази на решавање на спорот со името?

Зоран Коњановски: Ние веќе остваривме средба со Метју Нимиц преку преговарачот и кажавме дека сакаме да ги отпочнеме преговорите што е можно поскоро, како и дека жалбата нема да влијае врз преговорите. Тоа е наше право и мислам дека е многу исправен потег, затоа што ако една направена спогодба не се почитува, која е гаранцијата дека утре, кога ќе разговараме и кога ќе се постигне некоја нова спогодба, таа и ќе се исполни? Мислам дека она што е договорено треба да се почитува од сите страни.

XS
SM
MD
LG