Во Вашингтон се одржа конференција на финансиски експерти на која присуствуваа 130 претставници од преку 30 земји, меѓу кои и Македонија, при што ги презентираа искуствата во доменот на реформите на системот за управување со јавните финансии.
Учесниците заклучија дека е потребен добро воспоставен систем на управување со јавните финансии, чија потреба уште повеќе доаѓа до израз поради актуелната глобална финансиска криза. Иако е актуелен главен економист од Народната банка во Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, поради долгогодишното искуство во областа на јавните финансии, говореше на тема – Реформи во овој сектор. Таа за Гласот на Америка направи споредба со соседните земји и досегашните резултати:
-„Македонија сепак е на повисоката скала ако се мери компаративно со земјите во регионот со оглед на тоа што има спроведено доста значајни реформи, како во областа на планирањето на буџетот, така и во доменот на извршувањето на веќедонесениот буџет од страна на Парламентот. Во основа оние предуслови и основни принципи, кои се потребни еден систем да биде современ и да може да одговори на предизвиците од било кој карактер се веќе имплементирани. Сепак реформата е континуиран процес и постојано има потреба од дореформирање на системот и натамошно унапредување.
Учеството на Македонија на собир како овој, во организација на Mеѓународниот конзорциум за владин финансиски менаџмент, е признание за земјата, смета Бежоска.
-„Самата покана претставник од Макеоднија да зборува и да се обрати на конференцијата и зборува за искуствата во доменот на реформирањето на системот на јавни финансии е на еден начин потврда за земјата и за квалитетот на реформите кои се спроведени.
Финансискиот систем на Македонија е поимун на случувањата врзани со глобалната финансиска криза и таа би можела да го погоди реалниот сектор, истакна Безоска, укажувајќи дека земјите треба да да имаат изградени системи и процедури што ќе овозможат ефикасно управување со јавните финансии.
Глобалната финансиска криза ги зголемува предизвиците генерално за сите, но особено за помалите земји и ја нагласува важноста за поуспешно менаџирање на јавните финансии.