Линкови за пристапност

Општата економска  криза може да биде позитивен фактор за инвестирање во Македонија


Изминатава недела Американците имаа прилика да ја чујат приказната за Македонија од аспект на напорите на актуелната влада да ја кренат државата повисоко на глобалната инвеститорска мапа.

Во Сан Франциско и во Чикаго владината екипа беше во мисија да ги убеди тамошните бизнис заедници дека тоа е приказна на упорност и посветеност да се успее, приказна за реални проблеми спротивставени со рационални решенија, на реформи за јакнење на демократијата, владеењето на правото и пазарната економија.

И како сето тоа мина? Разговаравме со неколкумина учесници и присутни.

Мајк Зафировски, бизнис ветеран со импресивно глобално искуство:

-Растеж и големи инвестиции се високи цели, но јас сум охрабрен што инвестициите растат со стапка од 25-30% годишно, а бруто домашниот производ расте со 5-6% годишно. Во вакви услови тоа е многу охрабрувачко. Успехот носи успех.

Јовица Палашевски е новиот генерален конзул на Република Македонија во Чикаго:

-Привлекувањето инвестиции е макотрпен процес.Треба повеќе средби за да се дојде до една сериозна инвестиција, така да не можеме да очекуваме дека на првата средба ќе се донесе конечна одлука компанијата да инвестира во Македонија. Но затоа сум јас тука да ги одржувам контактите со тие компании и да ги информирам за сите детали што ќе ги интересираат. На бизнис форумот беше само општа презентација на Македонија, а сигурно тие ќе имаат и други прашања специфични за дејноста што ја обавуваат.

Го запрашавме вице-премиерот Зоран Ставревски дали е најсреќно избран моментот за ваква презентација со оглед на кризата што го зафати светот:

-Јас би рекол дека е секогаш добро да правите нешто што другите не го прават. Тоа е конкурентен свет и треба да бидете запаметени по нешто. Се одушевуваат од тоа како ние , со толку ентузијазам и желба за подобрување на состојбите во Македонија и за економски успех во овие времиња, доаѓаме и зборуваме за тоа. Тоа ќе остане, веројатно, запаметено и можеби ќе донесе и одредени резултати. Ние сметаме дека постојано треба да се прават напори за подобрување на бизнис климата, но и за презентација на тоа пред инвеститорите . Задоволни сме во целина од приемот во Америка и од интересот на американските инвеститори.

Виктор Мизо, извршен директор на Македонската агенција за странски инвестиции размислува на иста линија:

-Она што нас може да ни помогне е што сме една дестинација на која компаниите кои не гледаат краткорочно, туку гледаат што ќе се случи за 2-5 години, сега сакаат да изнајдат локација која ќе помогне да бидат уште покомпетитивни во нивната индустрија кога оваа криза ќе заврши. Тука ја гледаме нашата можност. Бидејќи, дури и во автомобилската индустрија , нормално е тешко, особено овде во САД, но дали тоа значи дека за една ипол година луѓето нема да купуваат автомобили? Напротив, ќе продолжат да купуваат, но ќе опстанат само тие јаки компании кои донеле важни бизнис одлуки за позиционирање во иднина да бидат уште појаки.

Слаѓан Михајловски од Компанијата Infinite Solutions вели дека вакви средби се добри за ширење на мрежата на соработници.

Кај Вера Лалчевска, која е на пост-дипломски студии на Универзитетот Дјук, во Северна Каролина, во Центарот за меѓународен развој, атмосферата оставила голем впечаток. Вели, ентузијазмот на министрите и премиерот предизвикал очигледен интерес кај присутните за инвестирање.

XS
SM
MD
LG