Линкови за пристапност

Акциите паѓаат, Белата куќа предвидува тешки економски времиња


Загриженоста меѓу инвеститорите дека глобалниот економски пад ќе се одрази на профитот на компаниите предизвика драматичен пад на акциите ширум светот.

Американските берзи во петокот загубија четири проценти, па и повеќе. Европските пазари паднаа за седум проценти по веста дека британската економија е на прагот на рецесија. Според извештаите, таа се намалила за половина процент во третиот квартал – прв нејзин чекор наназад во последните 16 години. Азиските инвеститори реагираа на разочарувачките извештаи за заработувачката на главните компании со масовно продавање на акции.

Најновите податоци од американскиот пазар на домување даваат зрак надеж – препродавањето на домови во септември нараснало за над 5 проценти, со оглед на тоа што се` пониските цени започнале да привлекуваат купувачи. Глобалната финансиска криза всушност започна од проблемите во овој сектор.

Американскиот претседател Џорџ Буш ги повика лидерите на главните развиени економии на средба за кризата на 15-ти ноември во Вашингтон .

Белата куќа предупредува дека претстојат тешки времиња во однос на економијата. Портпаролката Дејна Перино во четвртокот им порача на Американците дека економската ситуација најпрвин ќе се влоши, пред да се подобри. Таа оцени дека шансите за вработување за многумина Американци не се големи, и дека извештајот за економскиот растеж што ќе биде објавен наредната недела не дава поволна слика. Белата куќа сепак не предидува рецесија, туку дека ќе биде потребно извесно време пред економијата да почне да создава нови работни места.

Поранешниот директор на Американската централна банка и угледен економист Алан Гринспан на распит во Конгресот во чевртокот коментираше - се работи за „кредитен цунами што се случува еднаш во сто години“:

- Кризава стана поголема и од она што можев да го претпоставам. Со оглед на досегашната финансиска штета, не гледам како би избегнале голем пораст во отпуштањата и невработеноста, рече Гринспан.

Серија нови извештаи покажуваат дека економијата и натаму е ранлива. Интернет-компанијата за домување „Реалти трек“ наведува дека бројот на сопственици кои западнале во опасност да ги загубат домовите минатата година нараснал на 71 процент. Според владиниот Оддел за труд, бројот на Американци кои примаат социјална помош поради невработеност останал близу највисокото ниво во последните пет години. Главниот производител на автомобили Џенерал Моторс ќе укине одредени бенефиции за работниците, во натамошен обид да ги скрати трошоците за 15 проценти, додека конкурентот Крајслер ќе укине речиси 2.000 работни места. Инвестиционата банка Голдман Сач планира да ја намали работната сила за 10 проценти. Минатиот месец, легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет кажа дека е сигурен во иднината на оваа компанија од Волстрит и инвестираше пет милијарди долари во неа.

Глобалната финансиска криза доминираше на дводневниот азиско-европски самит во Пекинг што започна во петок, а на кој учествуваат над 40 земји. Уесниците ветија дека ќе се обединат во смела акција за запирање на финансиската криза.

Картелот ОПЕК, пак на средбата во Виена реши од 1-ви ноември да го намали нафтеното производство за пет проценти (1,5 милиони барели дневно), во обид да го запре наглиот пад на нафтените цени.

XS
SM
MD
LG