Претставници на организациите на македонската дијаспора во САД на две недели од одржувањето на претседателските избори го навестуваат можниот курс за време на гласањето на 4-ти ноември.
Првите луѓе на неколку организации на македонската дијаспора, собрани неодамна на средба во Вашингтон, генерално очекуваат позитивен исход за Македонија.
Обама или Мекејн? Кој е подобра варијанта за Македонија? Џорџ Лебамов од Македонската патриотска организација коментира:
- Ако републиканците ја задржат Белата куќа, мислењата за Македонија ќе останат исти или подобри. Тие го признаа уставното име на земјата. За демократите – не знам. Имаат толку многу работи на агендата, што може Македонија да не им биде приоритет.
Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора смета дека нема да има промени на политиката на САД кон Македонија, независно кој ќе влезе во Белата куќа:
- ОМД не очекува промени на надворешната политика на САД спрема Македонија на прашањето за името. Веруваме дека САД ќе продолжат да ја ословуваат земјата со уставното име - Република Македонија, како и дека без оглед кој ќе стане претседател, таа политика ќе биде конзистентна.
Деан Костовски, извршен директор на организацијата Македонија 2025 од Торонто, во која еден од директорите на управниот одбор е првиот човек на Нортел, Мајк Зафировски, смета дека Македонците може одлично да соработуваат со обата кандидата:
- Обете кампањи навестуваат дека ќе има промени. Мислам дека независно кој ќе биде иден претседател - го очекуваат многу предизвици - особено со глобалната економска криза - но исходот за Македонија и Американците од македонско потекло треба да биде генерално позитивен.
Признавањето на Уставото име на Република Македонија од страна на актуелната републиканската администрација, а не глобалната економска криза, е поголемо прашање за Американците од македонско потекло, кои покажуваат отворени симпатии кон сенаторот од Аризона.