Линкови за пристапност

Централните банки интервенираат за да спречат продлабочување на глобалната економска криза


Централните банки во Европа, Азија и САД вршат прилив на милиони долари во финансиските пазари за да спречат продлабочување на глобалната економска криза.

Американската централна банка на вчерашната седница реши сега-засега да не ја намалува клучната каматна стапка.
Намалувањето е потег што би им помогнал на компаниите и потрошувачите полесно да добиваат кредити.

Претставници на централните банки ширум светот се загрижени дека сегашната финансиска криза ќе причини банките да прекинат да даваат кредити, што би ја забавило економијата и само дополнително би ја влошило кризата.
Американската централна банка веќе извесно време ја одржува главната каматна стапка на два процента.


Берзите ширум светот доживеаја потрес откако една од главните американски инвестициони банки - Леман Брадерс во понеделникот објави банкрот.

Инвеститорите се загрижени и дека најголемата осигурителна компанија во светот, Американ Интернешенал Груп – АИГ е на прагот на колапс.

Компанијата има проблеми да собере доволно пари во готово за да остане во работа.

Како и многу други инвестициони банки, АИГ беше тешко погодена од кризата на пазарот на домување.

Главните индекси на европските берзи вчера нагло опаднаа.

Главните пазари во Јапонија и Хонг Конг паднаа за околу пет проценти на крајот на вчерашното тргување.

Руските власти го прекинаа тргувањето на својата главна размена на акции откако цените паднаа за преку 10 проценти.

Акциите на американските пазари вчера опаднаа на почетокот на тргувањето, но подоцна забележаа умерен пораст.

Некои аналитичари сметаат дека ова е најголем потрес од времето на Големата депресија во САД.

Пазарниот аналитичар Хју Џонсон вели дека ефектите би можеле далеку да се почувствуваат:

- Ова не е само проблем на Вол Стрит.

Сите се зафатени со ова.

Сите, во извесна мера, се финансиски погодени.

Дел од економистите стравуваат дека ова е само почеток.

- Осигурителниот гигант Американ Интернешенал Груп е во опасност; банки како Вашингтон Мјучуал и Ваковиа имаат сериозни тешкотии, а и многу други, помали банки, смета деканот на Универзитетот во Њујорк и професор по економија Томас Кули.

Многумина Американци се загрижени:

- Се прашувам дали федералната влада има врска со снижувањето на стандардите за да овозможи на сите да го остварат американскиот сон, што сега се претвори во американска ноќна мора.

- Нешто мора да се стори.

Владата и приватниот сектор треба заеднички да дојдат до решение што ќе и` помогне на економијата, велат анкетирани.


Економистот Томас Кули очекува дополнителни соединувања и купопродажби на компании пред да се среди ситуацијата во индустријата за домување и финансискиот сектор:

- Вистинскиот предизвик е да се врати довербата во финансискиот систем и обнова на хипокетарните и други кредитни пазари.

Тоа е главна грижа во моментов.

XS
SM
MD
LG