Линкови за пристапност

 
Груевски не очекува сериозна промена во американската политика кон Македонија, независно кој ќе победи на претседателските избори

Груевски не очекува сериозна промена во американската политика кон Македонија, независно кој ќе победи на претседателските избори


Глас на Америка: На кој начин новата американска политика би се разликувала во споредба со 8-те години на власт на претседателот Буш, како кон светот, така и кон Македонија?

Никола Груевски: Очигледно е дека постојат некакви разлики во однос на Ирак и други прашања. Меѓутоа, што се однесува до Македонија, не очекувам промени. Генерално кажано, САД тешко ги менуваат надворешните политики - не така нагло, особено кога се работи за стратешки партнерства. Македонија и САД имаат стратешко партнерство и од досегашното, би рекол - историско искуство, гледајќи ги надворешните политики на САД, очигледно е дека тие не ги менуваат стратешките партнерства преку ноќ, не ги рушат изградените, ниту пак така лесно ги градат оние што не се изградени - исто така преку ноќ. Значи, не очекувам некоја сериозна промена во однос на надворешната политика кон нас.

Глас на Америка:
Можни ли се промени на американската политика кон Македонија ако на изборите победи демократот Барак Обама и неговиот потпретседателски кандидат Џо Бајден, со оглед на наводната блискост со грчкото лоби?

Никола Груевски:
Не очекувам драстични промени. Можеби ќе има некоја разлика во нијанси. Меѓутоа, сите кои досега сум ги сретнал од Стејт департментот и од партиите во САД, велат дека не би требало да се очекува некоја крупна и сериозна промена. Но, останува да видиме.

Глас на Америка:
Што може да се случи во септември, со оглед на најавите за нов предлог во врска со името, за време на Генералното собрание на ОН?

Никола Груевски: Ние континуирано се залагаме да се најде некое решение за надминување на проблемот со името. Како што се залагавме во минатото, ќе се залагаме и во септември, а и потоа. Не сме фокусирани дали тоа ќе биде во септември, или октомври. Тоа за нас е крупно и историско прашање и важно е да се заврши на добар начин што за нас ќе биде прифатлив, а не поради тоа што тој месец е годишното собрание на ОН, или пак во октомври има нешто друго. Значи, не го поврзуваме со такви настани.

XS
SM
MD
LG