Линкови за пристапност

Со говорот во Денвер демократот Обама ја започна директната историска трка за Белата куќа


Првиот афро-Американец избран од поголема политичка партија во САД за претседателски кандидат ја критикуваше сегашната администрација и ја изложи платформата на која ќе работи доколку биде избран за претседател.

Токму на денот кога пред 45 години Мартин Лутер Кинг ја сподели својата визија за Америка со говорот "Имам сон", Барак Обама ја прифати демократската номинација на Стадионот Инвеско во Денвер. Ова е барем делумно реализирање на сонот на Кинг, зашто Обама е првиот афро-Американец избран од поголема политичка партја за претседателски кандидат.

Говорот му беше совршено избалансиран меѓу остри напади врз сегашната администрација и платформата на која ќе работи доколку биде избран за претседател. Жестоко го критикуваше Џон Мекејн, велејќи дека е подговен со него да се соочи на дебати. Самоуверено минуваше од тема на тема, каде, според него, Мекејн е слаб, опфаќајќи ја и досега неприкосновената - безбедноста. Обама кажа американското ветување е она што земјата секогаш ја одвојувала од другите.

Покрај другите работи, елаборирани поединечно, тој рече дека за последниве осум години тоа ветување е под закана. Осум е доста, зашто Мекејн 90 проценти гласал со Буш, а само десет отсто дал шанса за промена, коментираше Обама.

Говореше и за тоа што ќе направи - доколку биде избран за претседател - во областа на здравствена заштита, даноците, зависноста од странска нафта, образованието.

Не велам дека Мекејн не ја сака државата. Тој ја сака, ама овие работи не ги разбира. Како инаку да се толкува што Мекејн смета дека богати се со приходи од 5 милиони долари, а под тоа - е средна класа. Мекејн не знае колку куќи има, а многу од вас ја загубиле својата не по своја вина. Државата не смее да работи против граѓаните. Таа треба да работи за нив, потенцираше Обама.

Обама доби особено голем аплауз кога кажа дека овие избори во ниеден момент не биле за него. За вас се, рече тој, обраќајќи им се директно на оние што го слушаа.

Аналитичарите се согласни - ова беше многу успешен говор, стилски и фактички издржан. Го претстави во нова светлина. Делуваше самоуверено и комотно во исто време.

Тибините почнаа да се полнат уште во раните попладневни часови. Sвездите Џон Леџенд и Шерил Кроу направија убава атмосфера со песни за промена. На гувернерот на Вирџинија Тим Кејн му успеа да ги натера присутните да извикуваат - "помести се планино", со приказната дека ако се има верба – можат и планини да се поместат.

Стиви Вондер направи трибините да се тресат пеејки -"да, ние можеме", што е слоганот на кампањата на Обама.

Но, кога на сцената се појави нобеловецот Ал Гор, веќе беше јасно дека атмосферата е загреана до точка на вриење.

- Да имаше поинаков исход на изборите во 2000, немаше да бидеме заглавени во Ирак, немаше да бидеме во економска криза која сами си ја направивме, немаше уставот да биде газен и климатските промени да бидат негирани. Време е за промена рече Гор,а стадионот ечеше, поттикнат од неговата реторика.

Старата поговорка, кажа Гор, вели: „кога се молиш движи ги нозете".

Демократите може да бидат задоволни со исходот.

Конвенцијата - по многу нешта неконвенционална - заврши. Стадионот Инвеско се празни, опремата се пакува, новинарите одат на други задачи. За Барак Обама нема одмор. Од сега, па до ноември е најтешкиот дел од неговата работа.

XS
SM
MD
LG