Линкови за пристапност

Буш: ќе дојде време на промени во Кина


Неколку часа пред да допатува во Пекинг – за време на посетата на Тајланд, Џорџ Буш отворено ја прозва Кина во однос на човековите права:

-САД веруваат дека граѓаните на Кина ги заслужуваат основните слободи, што е природно право на сите луѓе. САД жестоко се противат на кинеското притварање на политички дисиденти, поборници за човекови права и верски активисти.

Буш ги истакна економските и дипломатски врски меѓу Вашингтон и Пекинг, но ја повика Кина и да довери поголема слобода на своите луѓе, како единствен начин максимално да го реализира својот потенцијал.

Претходно кинеските власти денес уапсија тројца американски христијански активисти за човекови права кои веќе втор ден протестираа на плоштадот Тјенамен.

Еден од нив е Бранди Свинвел, кој зборуваше со репортерите за време на протестите:

-
Дојдов во Кина да бидам гласот на гонетите во оваа земја. Христијани, следбеници на Фалунг Гонг, свештеници од Тибет – сите кои се гонети поради нивната верба. Исто така се солидаризирам со жените кои насилно морале да абортираат.

Кинеското министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека е против, цитираме „сите зборови и постапки" што претставуваат мешање во внатрешните работи, како и дека кинескиот народ ужива редица слободи.

Сепак, претседателот Буш е оптимист дека ситуацијата со човековите права во Кина ќе се подобри: уследи подобрена состојба во областа на почитувањето на човековите права:

-Промените во Кина ќе дојдат на нивен начин, во духот на нивната историја и традиции. Промените ќе дојдат. Ќе дојде време кога сите кои сакаат да го почитуваат Бога, нема да бидат закана за иднината на Кина. Има луѓе кои ќе ја направат Кина велика нација во 21-от век.

Кина реши да му ја одземе визата на американскиот шампион во брзо лизгање и учесник на зимските Олимписки игри Џои Чек, на само неколку часа пред да замине за Пекинг. Тој отворено го критикуваше Пекинг за поддршката на суданската влада, во контекст на ситуацијата во Дарфур.

Буш се очекува да го отвори ова прашање за време на средбата со кинескиот колега Ху Џинтао. Денеска американскиот претседател ќе ја отвори новата амбасада во Пекинг пред да присуствува на свеченото отварање на Олимпијадата.

XS
SM
MD
LG