Линкови за пристапност

Апел на премиерот Груевски за фер и демократски избори


- Се надевам дека в недела ќе имаме фер и демократски избори и од понеделник ќе бидеме горди, независно кој ќе победи и кој колку гласови ќе освои, апелираше премиерот Никола Груевски на последниот ден од изборната кампања.

Груевски порача „до сите граѓани на РМ дека во недела ќе имаме шанса да победиме сите, а тоа е со фер и демократски избори, без инциденти и проблеми, да и` помогнеме на Македонија да чекори понатаму напред“.

- Да не дозволиме некои поединци поради свои лични интереси да го рушат имиџот на РМ, да ја оцрнат земјата за понатаму, затоа што оваа земја ќе ги мине овие избори и потоа доаѓаат други денови кога ќе се вратиме на работа, кога ќе продолжиме со животот, кога ќе продолжиме со проектите, ќе продолжиме со реформите, со напредокот. Важно е тој напредок да продолжи, сите заедно во недела да победиме, независно кој за кого ќе гласа, независно кој која партија ќе ја поддржи, тоа да го направи мирно, достоинствено, да не предизвикува никакви инциденти, да не слуша никакви партиски лидери, задачи кои се надвор од законот, затоа што за тоа нема да има ниту партиска заштита, ниту каква било заштита, ќе одговара секој таков човек пред законот. Најважно од се` е што со тоа ќе и` помогне на државата, себеси, на своите деца, на своите пријатели, што ќе имаме фер и демократски избори, рече Груевски.

Најголема корист за Македонија ќе биде доколку в недела се одржат фер избори и без инциденти, порача премиерот.

XS
SM
MD
LG